Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаВисоките температури нанесуваат штети врз лозарството

Високите температури нанесуваат штети врз лозарството

Горештините отавија последици врз дел од грозјето во Тиквешко како најголем лозарски  регион во Македонија, вели за МИА Благоја Мишковски, долгогодишен професор по стручни предмети  во земјоделско шумарското училиште “Ѓорче Петров” во Кавадарци.

– Штети се видливи посебно кај дел од десертните сорти на грозје како  “мишел палиер” и “рибиер” кои се  осетливи на временски услови но штети има и кај други трпезни сорти. Кај винските сорти, кои важат за поиздржливи, долгите топли денови можат да остават последици врз вранецот и секако смедеревката како помалку отпорна сорта. Најголемо  прегорување на лисната маса и последици кај грозјето има кај лозјата кои се на суво и без услови за наводнување,  па има дехидрација на гроздовите зрна,  особено кај вранецот, објаснува професорот.

Тој нагласува дека лозарите покрај тоа што треба да наводнуваат, доколку има услови за тоа, особено треба да внимаваат при закинувањето на лисната маса на виновите лози, затоа што од нејзиното присуство или отсуство, во многу зависи и тоа дали сонцето ќе остави помали или поголеми последици врз родот на лозјата.