Friday, Apr 19, 2024
HomeИздвојувамеВиктор Петрески: Да се биде уметник во Македонија, значи да се биде голем борец

Виктор Петрески: Да се биде уметник во Македонија, значи да се биде голем борец

Одблиску со Виктор Петрески. Млад автор и  голем вљубеник во пишаниот збор. Неговиот прв роман ,,Од Магла на Jуг до Месечина на Север” создава нови светови. Вас како читатели сосема ненаметливо ве вплеткува во една приказна која ќе ве возбуди.

,,Aко барем една реченица од мојата книга промени нешто кај луѓето, тоа е успех” –вели младиот автор.  Виктор Петрески е писател но и маестрален лик на ,,штиците што живот значат”. Разговаравме долго и суптилно, како заедно да пишувавме уште една книга.

На почеток  да ги мотивираме сите читатели. Опишете го сопственото прво дело. Каков роман е ,,Од Магла на Југ до Месечина на Север”?

-Станува збор за две приказни. Од една страна е теретот кој нашите предци ни го оставаат како потомство и во материјална и во духовна смисла. Ги плаќаме нивните гревови и ги живееме нивните победи.Втората приказна е приказната за моќта на еден сон и што тој сон може да направи за еден човек ако доволно верува во него. Човекот се бори за идеалите. Романот го содржи најважното прашање кое вековно никој не може да го одговори: Дали целта ги оправдува средствата?

11639224_10205375273756138_1538917005_o

Живееме во стресно и брзо време, а  Вие одлучивте да ја покажете таа подлабока димензија која ја носите во себе. Која е мотивацијата која еден млад човек во Македонија ја има за да започне да твоори?

-Творештвото за мене е потреба. Ние уметниците од каков било вид, создаваме еден мини-космос. Тој мини-космос почнува да те обзема и не можеш да избегаш од тоа.Така се случи и со мојата прва книга.

Ајде да избегаме од клишето, да не Ве прашам од каде ја црпите инспирацијата. Да разјасниме, дали тоа чувство кое Ве тера да творите се создава во надворешниот свет, во меѓучовечките односи или пак се тоа некои други светови кои во Вашата душа се создаваат одново и одново?

-Не постои точен одговор, секогаш е инидивуално. Мене лично најмногу ме инспирираат приказни. Нешто што веќе се има случено, затоа и многу ја сакам историјата. Човековите дејствувања, ситуациите кои не тераат да носиме одлуки, се е тоа инспирација. Што се однесува до световите, како што растеме сите имаме многу светови во нас. Трчаме по дворови, си играме. Ни се смеат возрасните, ни се чудат на паметот. Прашање е само кој ќе го преживее она прекршување во животот – она што го викаме влегување во светот на возрасните.Кога мене тоа ми се случи, сите светови од детството останаа во мене. Токму тоа се световите кои излегуваат во една книга, потоа во друга.

11639414_10205375268796014_1602646307_o

Сметате ли дека живееме во земја која ги мотивира младите да творат?

-Никако. Живееме во земја која ти вели дека не смееш да си го дозволиш тоа. Луѓето ми се чудат, прашуваат која е мојата поента. Живееме во апатичност каде никој ништо не сака да направи. Никој повеќе во ништо не верува. Во Македонија ретко кој верува во креирање на сонот, и се она што се одвојува од просечноста.Патот е тежок, но потребата од творештво ме одржува и во тешките денови. Без разлика на тоа дали ќе му влијаам на општеството јас ќе продолжам да творам. Така ќе ги охрабрам и другите.Младината мора да се охрабри. Верувам дека има многу млади и талентирани луѓе во Македонија кои се подобри од мене.Не треба делата да ги чуваме во фиоки.Ги охрабрувам сите млади, таа мотивација треба да ја имаат во себе.Да се биде уметник во Македонија, значи да се биде голем борец.

Подготви: Ирена Мрческа