Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВидео: Жерновски по распитот во СЈО со порака до Груевски

Видео: Жерновски по распитот во СЈО со порака до Груевски

Андреј Жерновски денеска по речиси три часа распит во Специјалното обвинителство изјави дека на обвинителите им приложил јасни докази дека во протестите учествувале луѓе блиски до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

– Од она што го приложивме како доказни материјали има многу јасен доказ дека во сите оние насилни протести учествуваа луѓе кои се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кои се членови регрутирани од јавните претпријатија. Имаше повреден советник, имаше причинета голема материјална штета, меѓутоа приложивме и фотографии за тоа како оние што масовно протестираа се заедно фотографирани и со Груевски и со Јанкуловска и со претседателот Иванов, рече Жерновски.

По распитот, Жерновски упати директна порака до екс премиерот и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, дека наскоро ќе има шанса со него да се пресмета со него на суд.

– Јас навистина не знам каков боксер си бил ти, но дознав дека никогаш не си учествувал на некој боксерски меч. Затоа, бидејќи повеќе од очигледно е дека наскоро ќе имаме можност да се видиме во судница, а ти секогаш си праќал друг во боксерскиот ринг наместо сам да учествуваш, ќе имаме можност директно да се спротивставиш, да видиме колку си храбар, бидејќи повеќе од очигледно е дека имаме нерасчистени сметки, вели Жерновски.

Демолирањето на општина Центар се случи во јуни 2013, кога напаѓачите на општина Центар протестираа против, како што тврдеа, обидите на Жерновски да ја спречи изградбата на црква на плоштадот. Демонстрациите беа насилни и завршија со демолирање на општинските простoрии. Зад протестите застана неформалното здружение „Веритас“.

Од нападот постоеја бројни видео снимки каде се гледаат лицата на луѓето кои ги демолираа просториите на општината. Полицијата никогаш никого не приведе за демолирањето на општината, а прозивки да си ја заврши таа работа доби дури и во Извештајот за напредок од 2014 година. По две ипол години, МВР објави дека истрагата за нападот е завршена и предметот е предаден во Обвинителство, но до денеска Обвинителството нема отворена никаква постапка за овој случај.

извор: НоваТв.мк