HomeДЕНЕШНАСветВидео: Вонредна состојба во Шарлот – Протестите ескалираат, ангажирана и националната гарда

Видео: Вонредна состојба во Шарлот – Протестите ескалираат, ангажирана и националната гарда

Вонредна состојба во Шерлот, Северна Каролина. Едно лице е застрелано на протестите против полициската бруталност по убиството на Афроамериканец од страна на полицијата. Во судирите повредени се четворица полицајци, а гувернерот Пет Мекрори прогласи вонредна состојба и нареди ангажирање на Националната гарда.

Протестите ескалираат веќе два дена, а полицијата со гумени куршуми пукала во демонстрантите и се обидела да ги разбрка со солзавец. Шефот на полицијата на Шарлот Кер Патни прво соопшти дека застреланиот човек умрел, но подоцна преку Твитер беше објавена корекција во која беше наведено дека човекот е потешко повреден и е во критична состојба. Демонстрациите почнаа мирно но станаа насилни, по маршот на неколку стотици демонстранти низ градот. Тие на голема крстосница се судрија со полицајците кои се обидоа да ги блокираат со кордон патролни возила.

Протестите во Шарлот почнаа во вторникот, по убиството на 43-годишниот Кит Ламонт Скот, за кое е одговорен полицаецот Брентли Вилсон, исто така Афроамериканец, кој во меѓувреме е тргнат од должност. Скот бил во паркиран автомобил и имал оружје, според полицијата, што неговото семејство го негира. Властите сѐ уште не објавија снимка од инцидентот, но градоначалникот вети дека ќе го направи тоа. Локалната полиција на Твитер објави дека првиот ден од протестите биле повредени 12 полицајци.

Репортерот Ед Лавандера, кој од Шарлот известуваше за Си-ен-ен, беше соборен на земја среде пренос во живо откако на него налета еден од демонстрантите.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com