Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВидео: СЈО ќе има полни раце работа со Талир, Тревник и Траекторија

Видео: СЈО ќе има полни раце работа со Талир, Тревник и Траекторија

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска побара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ за кој има докази дека е купен со средства кои потекнуваат од кривично дело. Во овој дел од имотот спаѓа и седиштето на партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и други високи партиски функционери се осомничени за перење пари и нелегално финансирање на партијата во истрагата „Талир“. Катица Јанева, предводничката на СЈО, рече дека предмет на истрагата не е политичката партија, туку поединци кои ја злоупотребиле партијата и го оштетиле нејзиниот углед и репутација.

Пет лица се осомничени во предметот „Талир“ на СЈО од кои двајца од раководството на ВМРО-ДПМНЕ се сомничат како директни извршители и тројца помагачи. Во овој предмет има вкупно осомничени 14 лица. Испратени се 570 покани за сведоци и сослушани се 270 сведоци.

– Успеавме да детектираме недвижен имот кој е купен во името на политичката партија, но не се користи за партиски цели. Има пасишта или ниви кои е очигледно дека не се користат за партиски цели. За што се користат тие имоти ќе биде предмет на истражна постапка. Има 12 барања во кои има по три имоти на едно барање – појасни обвинителката Ленче Ристовска.

Мерки за обезбедување присуство нема да бидат побарани во овој момент за трите предмети кои денеска ги отвори СЈО, но ако понатаму има сомнежи за повторување на делото ќе се побара притвор.

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи дги презентираше трите нови предмети на СЈО под имињата „Тревник“, „Траекторија“ и „Талир“.

– Во случајот „Тревник“ осомничени се три лица за изградба на три викенд куќи без да имаат право за градба. Според доказите, овие три куќи почнале да се градат во 2011 година, а во 2013 година сопствениците добиле дозвола за градба иако тогаш објектите биле завршени. Законот за градба предвидува обратен редослед – рече Фетаи.

Во предметот „Траекторија“ осомничени се четворица поранешни припадници во Владата кои во 2012 и 2013 година презеле дејствија за изградба на автопатот Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, а со своите постапки на Буџетот на Македонија му нанеле штета од 155 милиони евра, непочитувајќи го Законот за јавни набавки и постапувајќи според правила на кинеската фирма и банка која ги дала парите за изградба на овие патишта.

– Во случајот „Талир“ станува збор за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Постои сомнение дека на претседателот на партијата му биле познати законските ограничувања, но тој сепак од 2009 до 2015 година овозможил незаконско финансирање на партијата. Мотивите за тоа биле од лична природа, за целосна контрола на партијата и негова доминација во партијата и земјата -рече Фетаи.

Од 2009 до 2015 година купиле 71 недвижен имот со тие пари. Првоосомничениот спротивно на законски ограничувања овозможил услуги за партијата од фирмата АД Бетон.