HomeДЕНЕШНАПолитикаВидео: СДСМ има „План за Македонија“ по пустошот кој го остави власта

Видео: СДСМ има „План за Македонија“ по пустошот кој го остави власта

СДСМ го започна 20-от партиски Конгрес на кој ги постави темелите за предизборната кампања како и за ветувањата кон граѓаните за новите политики. Лидерот Зоран Заев посочи дека на 11 декември нема да се слави победа над режимот кој веќе со граѓаните заедно го урнале туку ќе се слави животот бидејќи оваа квазипатриотска власт оставила пустош зад себе.

– Македонија на 11 декември ќе го слави животот. Не ни треба победа заради власт и хранење на егото, а на граѓаните уште помалку им се важни партиските победи. Доста беше веќе крпен живот, време е за достоинствен живот – порача претседателот на СДСМ Зоран Заев во обраќањето на конгресот.
Според него, од денеска СДСМ ги отвора вратите за сите граѓани, за сите нивни проблеми, идеи, предлози, решенија.

– Ако сакаме поинаква Македонија, првото прашање треба да биде – што да променам кај себе за да придонесам за промените во Македонија. СДСМ се отвори, битката што ја почна е преголема и прејака за да ја води сама. Секому подаваме рака, секого ќе ислушаме зашто секој е важен, потребен, секој има мака, идеа, план,… Од денеска секој штаб и канцеларија да ги остави вратите отворени, од овој момент засекогаш, луѓето мора да знаат каде можат да тропнат. Ќе ги слушаме и решаваме нивните проблеми, тие ќе доаѓаат кај нас, ние ќе одиме кај нив. Вака му доликува да работи на СДСМ, потенцира Заев.

Човекот пред се, е клучната определба на СДСМ, додаде Заев, подвлекувајќи дека нема поголем патриотизам од тоа да им се овозможи спокоен, мирен и пристоен живот на граѓаните.

– Кога ќе го ставиме човекот на пиедестаел, тогаш тој сам, според своите потреби, ќе ги постави приоритетите. Изминативе 10 години се изнагледавме квази патриотизам со полнење нечии сопствени џебови, но тоа е алчност, а не патриотизам, рече Заев и, цитирајќи го првиот македонски претседател Киро Глигоров, истакна дека Македонија е се што имаме, а тоа е народот, луѓето, секој од нас.

Претседателот на СДСМ во обраќањето се осврна на приоритетните мерки креирани под мотото  „План за Македонија“. Тие, посочи, предвидуваат поддршка за секоја категорија во општетсвото – деловната заедница, студентите, пензионерите, земјоделците,…

Не смее ниту ден повеќе да се дозволи практикувањето на, како што рече, уништувачките политики.

– Како би било да се живее со просечна плата од 30.000 денари, со помали трошоци за живот, без страв да влезете во маркет или од испружената рака на вашето дете, да купувате облека според вкус, а не според цена или да имате пари за одмор. Ништо од ова не е луксуз, неостварливо и нечие ексклузивно право. Секој има право на достоинстевн живот, укажа Заев.

Според него, ако СДСМ дојде на власт најниската плата ќе биде најпрво зголемена за 12.000, а мандатот на власта ќе заврши со зголемување на најниските плати за 16.000 денари. Поддршка ќе добијат и компаниите, иселениците што сакаат да инвестираат во Македонија, социјалните случаи.

– Ќе им помагаме на домашните фирми, тие ќе бидат столбот на македонската економија. Нема да се расфрламе со камења и палми, туку ќе ги поддржуваме малите, микро и средните претпријатија. Но на земјава и се потребни и инфраструктура, водоводи, болници, градинки,… Македонија е една од најсирмашните држави во Европа со огромна иселеност, над 500.000 луѓе живеат под прагот на сиромаштијата, а социјалната помош не стасува и е попниска за 60 отсто од прагот на сиромаштијата. И земјоделецот ќе ја добие заслужената почит во општеството. – Не ве гледаме како бројка и гласачка машинерија, туку како луѓе кои работат една од најблагородните дејности. Ќе ви ги обезбедиме сите услови да произведувате, продавате, инвестирате – истакна Заев.

Според заменик-претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска, партијата ќе гради општество без поделби по каква било основа, со еднакви права и еднаква примена на законите за сите, ќе инвестира во инфраструктурата, задравството, образованието, младите.

– Денеска мнозинството граѓани ги стави идеите на поделби ад-акта, ги прогласи за непожелни политичарите кои работат по тој принцип, кажа дека е разбудено и дека нема да дозволи да биде искористено како нивен штит. Македонија им припаѓа на сите и во неа за сите има место. Сите ги чувствуавме истите проблеми, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци,… Сите сакаме држава на еднакви граѓани со фер шанса – изјави Шекеринска.

Генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски напомена дека граѓаните сакаат демократија, мир и сигурност, одговорна власт и државни институции во кои ќе имаат доверба, одговорни пратеници кои достојно ќе ги претставуваат, владини министри кои ќе им служат и полицајци кои ќе се борат против кринималот и корпуцијата.

– Промените што ги бараат граѓаните не може да ги испорача оваа влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ која е синоним за силеџиство, гушење на демократијата и медиумските слободи, за тефтер судии, послушни и невидливи обвинители, за затворање на критичките новинари, за масовно и нелегално прислушување, монтирани процеси, неправда и грабеж позната како Скопје 2014. Со право граѓаните бараат демократски промени, заклучи Спасовски.

Пред присутните се обратија и европратениците Ричард Ховит, Кен Хостед и Џакомо Филибег. Изразија максимална поддршка за претстојните парламентарни избори, кои, како што рекоа, ќе дадат одговор на прашањата дали Македонија е навистина подготвена за Европа, за демократија, транспарентност и владеење на правото.

Извор: novamakedonija.com.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com