Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаВидео од полициската акција за апсење шверцери на мигранти

Видео од полициската акција за апсење шверцери на мигранти

Министерството за внатрешни работи по вчерашната акција, преку Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднесе Кривична пријава против 16 лица, заради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела “Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“, потоа “Криумчарење мигранти“ и “Помагање“.

Пријавените се на возраст од 24 до 78 години и тоа 6-мина од Куманово, 5 од Ваксинце, 2-ца од Скопје, по едно лице од Матејче Черкезе и Богданци и еден странски државјанин од Бангладеж кој имал улога на организатор на активностите на групата. Осомничени беа изведени пред надлежниот суд од чија страна им беше изречена мерка притвор. Во текот на операцијата на подрачјето на Куманово и околината, беа обезбедени 12 члена од групата, а по четворица кои сеуште се недостапни за органите на прогонот, во моментов се трага.
polis
Оваа криминална група, според сознанијата, подолг временски период вршела криумчарење на поголеми групи на мигранти, со потекло од Сирија, Aвганистан, Пакистан, Судан и други земји од блискиот и далечниот Исток, кои се наоѓале во Грција и истите сакале преку територијата на Македонија да заминат кон Србија, а од таму кон некоја од западноевропските земји.

Членовите на оваа група делувале како дел од поголема меѓународна криминална мрежа, раководена од лице со прекар “БАНГЛАДЕШ“ кое подолго време престојувало во с.Ваксинце. Секој од членовите на групата имал различни задачи околу криумчарењето мигранти за кое наплаќале сума од 600 – 1000 евра по мигрант. Во таа цена влегувала организирацијата и спроведувањето на криумчарење на мигрантите преку територијата на Р.Македонија, по што истите биле предавани на лица или криминални групи кои ги пречекувале на српска територија. Групата има воспоставено организациска структура, односно, постоеле организатори на кр.група, кои воспоставувале контакт со лица во Грција барајќи заинтересирани мигранти, членови кои го спроведувале транспортот, возачи на товарни или патнички возила со мигранти, чистачи, лица кои организирале сместување, лица кои го вршале криумчарењето на мигрантите преку границата и лица кои примале и испраќале парични средства преку “Брз трансфер на пари“ а се стекнати од нелегалните активности.

При реализацијата на истрагата, вчера, околу 04:30 часот, кај с. Доброшане – кумановско, беше пресечен транспорт на седум мигранти од страна на три од пријавените лица, кои ги прифатиле мигрантите на место во близина на Богданци и преку Струмица, Штип и Св.Николе се упатиле кон Куманово, од каде мигрантите требало да продолжат кон с.Ваксинце и понатаму кон Србија и некоја од земјите на ЕУ.

Врз основа на добиени наредби за претрес на дом и други простории, преземени се мерки и активности за претреси во вкупно 11 објекти, кои се во сопственост или се користени од страна на членовите на групата, при што во куќата на еден од осомничените во с.Ваксинце е пронајдена голема група на нелегални мигранти. Групата броела околу 160 мигранти меѓу кои најмалото било девојче на возраст од 1,5 година, деодека најстариот бил 37 годишен маж. Од откриената група 18 биле жени, а останатите мажи. Таму е пронајден и мигрантот со прекар “БАНГЛАДЕШ“, додека во останатите објекти пронајдени се и одземени: два пиштоли 7,65 мм (марка Црвена Застава и марка Взор), поголем број на мобилни телефони, таблети, СИМ картици, парични средства во износ од преку 20 000 евра кои потекнуваат од кривично дело, четири возила со кои бил вршен транспортот и други предмети во интерес на истрагата. Од преземените мерки и активности утврдени се најмалку 10 настани – Криумчарење на мигранти.