Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаВидео: Како Дебар, првото жариште на КОВИД-19, се справи со пандемијата?

Видео: Како Дебар, првото жариште на КОВИД-19, се справи со пандемијата?

Дебар беше првото жариште на корона вирусот во Македонија. Сопружници од Италија беа првите заразени пациенти. Избувнувањето на пандемијата ги стави на тежок тест медицинските власти. Тивките херои на кризата се токму лекарите, медицинските сестри, итните служби. Сите кои во време на неизвесност и немање доволно информации за новиот корона вирус, беспоштедно им пружија медицински услуги на граѓаните.

Извор: faktor.mk

Токму затоа првата епизода од документарниот серијал Фактор од републиката ја снимивме во Дебар. Во серијалот ќе бидат вклучени голем број на дописници и локални медиумски работници со цел поблиску да ви ги претставиме сите стории.

Пеколен летен ден. Дебар иако е на 625 метри надморска височина не пречека со огромни летни горештини. Но, само што ги видовме сестрите и лекарите во целосна опрема, со скафандери и маски кои и во нормален ден се неподносливи, веднаш сфативме со каков предизвик се соочуваат екипите од инфективниот оддел.

Градот под Дешат преживеа вистинска здравствена драма. Најпрво со едномесечен целосен карантин. Потполна контрола на влез и излез на возила и решавање на сите прашања околу нормалното функционирање на градот со набавки и соодветни средства.

Истовремено бројот на заразени лица од болницата и лекарските ординации се зголемуваше. Со таква голгота се соочи целиот педијатриски тим во Дебар. Д-р Илбер Кокале педијатар специјалист вели дека не било лесно. Не толку од здравствен аспект бидејќи КОВИД-19 го прележале речиси без симптоми, туку поголем бил психолошкиот товар. Во тој период станал дедо, неговиот син со малото бебе и сопругата се вратиле во Дебар. Сепак, морал да се изолира.

Зошто д-р Кокале е омилен педијатар во овој регион и преку границата ќе видите веднаш штом го направи првиот контакт со неговите пациенти, дечињата. Нежно тапкајќи ги по рачето ги примаше на прегледи, убедувајќи ги дека се ќе биде во ред и дека немаат од што да се плашат. Затоа д-р Кокале вели и дека едномесечната одвоеност на педијатрите, на тимот составен од двајца лекари и три медицински сестри, од нивните пациенти и најмногу им паднала тешко.

Д-р Баки Алили пак, како директор на општата болница во Дебар сведочеше за борбата со непознатиот непријател. Неговата директност, непосредност и авторитет беа очигледни уште кога влеговме во неговиот кабинет. Организираноста и брзиот одговор како и отворање на втора ординација за инфективни случаи значително влијаело во справувањето со пандемијата. Секако, тука голем допринос има и доаѓањето на повеќе специјалисти во Дебар кои им помогнаа на нивните колеги за одржување на самата болница во целосна оперативност.

Медицинската сестра Флутра Дука ја сретнавме на пауза во рамките на инфективното одделение. Иако на нејзиниот лик се отчитуваше замор, иако во нејзиниот глас се наслушнуваше товар, таа и во овие пеколни температури, под полна опрема е на висина на задачата на работното место. Порачува да носиме маски, ова не е обичен вирус, не е обична инфекција која брзо се лечи, напротив за некого може да биде фатална. За Дука периодот со борба со корона вирусот да биде уште потежок значеше и семејна неизвесност. Нејзиниот татко и брат, двајцата биле заболени од КОВИД-19.

Дебар освен со медицински и здравствени предизвици се соочува и со економска неизвесност и криза. Дебарчани се познати по соживотот, толеранцијата и блискоста без оглед на нивната етничка и верска припадност. Низ дебарската чаршија иако беше пазарен ден и беа дојдени многу жители од соседните села, се гледаше дека недостасува живост, гужви и џагор.

Мештаните со жалење ни рекоа дека тоа е поради тоа што летово им ги нема нивните роднини и пријатели кои се на печалба по Европа и светот. Иако тогаш се ближеше празникот Курбан Бајрам граѓаните не беа големи оптимисти за економската состојба бидејќи без печалбарите и прометот ќе биде значително помал. Велат и дека дебарскиот крај има природни ресурси, има потенцијал, но политиката која се води може да биде погрешна и жителите се оставени без голем број на можности.

Еден месец траеше карантинот во Дебар без влез и излез. Дебар водеше со над 50 заразени, а во првата фаза починаа четири лица. По карантинот уште четири лица починаа, а над 150 се заразени.

Фактор со својата заложба за објективно и одговорно информирање на јавноста, особено во период на криза, ќе продолжи и понатаму со документарни стории за тивките херои од сите краеви на Македонија кои заслужуваат поголемо внимание од јавноста.

Овие содржини се поддржани од Google News Initiative Journalism Emergency Relief Fund.

Христијан Станоевиќ