Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВидео: Илиевски не чувствува одговорност, не ги познавал напаѓачите

Видео: Илиевски не чувствува одговорност, не ги познавал напаѓачите

Напаѓачите не ги познавам, бидејќи имаа качулки на главите, освен напаѓачот на пратеничката Радмила Шеќеринска, изјави за Макфакс, Богдан Илиевски, еден од организаторите на протестната иницијатива „За заедничка Македонија“. Тој тврди дека луѓето од иницијативата што влегле во Собранието се мирољубиви и дека не сакале да нападнат никого, иако сите снимки и фотографии го сведочат токму спротивното.

На снимките може да се види дека присутните им аплаудираа на напаѓачите со црни качулки кои се симнуваа од скалите во Собранието. Илиевски вели – не чувствувам никаква одговорност за настаните во Собранието. Најави дека викендот немаат планирано никакви активности и дека ќе продолжат со протести од вторник. На прашање на Макфакс, дали се очекува дека може да дојде до слично сценарио и кога ќе се избира Влада, одговори дека за нив таа би била нелегитимна. Инаку, денеска и Стојанче Ангелов рече дека оваа иницијатива исто така ќе постапи и кога ќе се одбира влада и ги замоли началниците и генералите да си ја исчистат совеста и да го заштитат Собранието.