Видео: Грчките земјоделци со камења и домати – полицијата возврати со солзавец
Грчката полиција употреби солзавец за да ги растера земјоделци, кои претпладнево фрлаа камења врз зградата на Министерството за земјоделство во центарот на Атина. Земјоделците од цела Грција денеска се собираат во Атина на голем протест кој ќе трае цел ден.
Со протестот тие го искажуваат своето несогласување со плановите на Владата за зголемување на пензиските придонеси и даноци. Околу 800 земјоделци од Крит, најголемиот остров во Грција, денеска се судрија со полицајците, кои го обезбедуваат влезот во Министерството за земјоделство, фрлајќи камења и кршејќи ги прозорците.
– Земјоделците се обидоа да ги истуркаат полицајците од пред влезот на Министерството. Полицијата употреби солзавец за да ги запре, изјави официјален претставник на полицијата.