Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветВидео: Антокорупциски протести во Москва – уапсен лидерот на опозицијата и десетици демонстранти

Видео: Антокорупциски протести во Москва – уапсен лидерот на опозицијата и десетици демонстранти

Уапсен лидерот на руската опозиција. Рускиот опозиционер Алексеј Навални е уапсен во Москва на антикорупцискиот протест кој го организираше, јави Раша тудеј. Стотици демонстранти се собрале околу полициското комбе во кое полицијата го ставила Навални. Демонстрантите се обидувале да ги отворат вратите на возилото.

Во неколку градови низ Русија се одржаа протести против корупцијата на владините претставници, а десетици демонстранти беа уапсени. Опозицијата ги повика луѓето да излезат на улиците во знак на протест против корупцијата и да бараат оставка од премиерот Дмитриј Медведев. Протестите ги почна Навални, вели Ројтерс, а во фокусот се неговите неодамнешни тврдења дека премиерот Медведев има голем број куќи, јахти и виногради.
protesti moskva
Навални на својата веб-страница најави дека во повеќе од 80 градови низ Русија денеска ќе се одржат протести, кои властите во поголем дел не ги одобриле, а Кремљ во петокот објави дека одржувањето протест во центарот на Москва е незаконска провокација.

На руските веб-сајтови и социјални мрежи е објавено дека демонстрации се одржуваат во градови од Владивосток до Екатеринбург. Само во Владивосток се уапсени најмалку 30 демонстранти во недозволениот митинг, каде што стотици млади луѓе се собрале на плоштадот кај градската железничка станица. Апсењата почнале кога демонстрантите кренале транспаренти на кои пишувало „Корупцијата ни ја краде иднината“ и „Премиерот да се повика на одговорност“. Најмалку четири демонстранти се уапсени во Екатеринбург, каде што се собрале 500 до 700 луѓе, но полицијата не ги потврди апсењата – пренесуваат руските медиуми.

Во исто време, ТАСС пренесува изјави на руски адвокати и високи полициски службеници што предупредуваат дека учесниците на опозициските протести во центарот на Москва може да бидат казнети со парична казна од 20.000 рубли или околу 333 долари или ќе треба да поминат 15 дена во затвор, со кривична пријава за хулиганство.

Неименуван претставник на полицијата за руската агенција рекол дека московската полицијата ќе ги преземе сите мерки за заштита на московјаните ако денеска попладнево во центарот на рускиот главен град се одржи најавениот протест, истакнувајќи дека полицијата нема да дозволи никакво прекршување на законот и редот во градот.

Протестите, кои се сметаат за најголеми од демонстрациите против Кремљ во 2011/2012, се случуваат една година пред претседателските избори на кои се очекува да се кандидира Владимир Путин. На Путин тоа би му било четврти мандат.