Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионВидео: Албанија – вратата на џихадот

Видео: Албанија – вратата на џихадот

Преку Црна Гора се шверцува оружје од Албанија, а во крвавите настани во Париз, на 13 ноември минатата година, е употребено оружје набавено од овој шверцерски канал, информира италијанската телевизија РАИ во репортажата „Албанија – врата за џихадот“, пренесе Танјуг.

Репортажата, што беше емитувана и од албанската телевизија „Ора њуз“, почнува со кадри на чамец полн со оружје и шверцери, што во текот на ноќта плови преку Скадарско езеро меѓу Албанија и Црна Гора. Снимено е и како двајца мажи ги растоваруваат сандаците со оружје и како ги кријат на брегот, од каде следниот ден ги преземаат други луѓе.

Според репортерот, такво оружје е употребено во атентатите во Париз, на 13 ноември. Според италијанската телевизија, Балканот е центарот за врбување на џихадисти. Над 1.000 Албанци учествуваат во странските вооружени конфликти и Албанија е земјата со најмногу џихадисти според бројот на населението.

Во репортажата е опишан и начинот на кој функционира црниот пазар на оружје. Албански шверцер кажува дека најбарани се автоматите АК47, старите советски пиштоли и оружјето од поранешна Југославија. Според него, автоматите „Калашњиков“ чинат од 400 до 450 евра.

Оружјето тргнува со рибарски чамци и бродчиња од Драч или Валона, за на крајот да дојде до раце на мафијата или на терористите, се наведува во репортажата на РАИ.