Friday, May 26, 2017
HomeДЕНЕШНАРепубликаВерижен судир на осум возила во Тетовско!

Верижен судир на осум возила во Тетовско!

Верижниот судир се случил околу 7 часот наутро на регионалниот пат Тетово – Гостивар кај тетовската населба Калник. Во сообраќајката учествувале две возила „голф“ и по едно „БМВ“, „мерцедес“, „фиат уно“, „опел зафира“, „поло“ и „опел корса“. Според првичните информации од увидната екипа, причина за несреќата бил подмрзнатиот коловоз.

Шест лица на различна возраст од тетовските села Боговиње, Камењане, Долно Палчиште и Новаке и едно од Гостивар се повредени. На повредените им била укажана лекарска помош во тетовската клиничка болница, од каде што петмина се пуштени на домашно лекување, додека 28-годишен возач на еден од автомобилите е задржан на натамошно лекување во болницата. Материјалната штета во овој карамбол од автомобили првично се проценува на околу 500.000 денари.

Во Тетово е регистрирана уште една сообраќајка на булеварот „Илинденска“ кога во паркиран „мерцедес“ налетало патничко возило „БМВ“ што го управувал Б.С. (45) жител на Мала Речица. Во судирот потешко е повреден Д.С. (20), кој бил сопатник во „БМВ-то“. Тој по укажаната помош е задржан на лекување во тетовската болница. Материјалната штета се проценува на околу 100.000 денари.