Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВерхофштад: Македонија нема време за губење, во прашање е нејзината иднина

Верхофштад: Македонија нема време за губење, во прашање е нејзината иднина

Иднината на Македонија е во прашање, изјави денес во Брисел за „Нова ТВ“ претседателот на Групата на либералите во Европскиот парламент Ги Верхофштад, поранешен премиер на Белгија.

Тој реагираше на информациите дека во Македонија на сцената е национализмот кој е најдобар начин да се уништи европската перспектива на Македонија.

“Распалувањето на национализмот е најдобриот рецепт за уништување на европската иднина на секоја земја. Македонските политичари не сакаат да ја напуштат власта и со тоа ризикуваат да предизвикаат меѓуетничка конфронтација. Наместо тоа, тоа треба да ги почитуваат резулатите од изборите, да преземат сериозна одговорност и да дозволат фомирање влада. Македонија нема време за губење. Сега е во прашање нејзината иднина”, изјави Верхофштад.

Од Групата на либералите доаѓа и словенечкиот пратеник Иво Вајгл кој пред два дена беше во Скопје заедно со комесарот Јоханес Хан и пратениците Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.

Вајлг изјави денес дека Македонија влегува во меѓуетничка конфронтација поради пречките за формирање влада што ги поставува ВМРО-ДПМНЕ.

Вајлг констатира дека изборите не ставиле крај на кризата а “земјата влегла во меѓуетничка конфронтација поради тоа што најголемата политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ, става пречки за формирање влада” од страна на СДСМ и албанските партии.

“Тоа е најопасното сценарио за една мултиетничка држава и за целиот Балкан каде што слични тензии веќе се манифестирале во минатото и се уште постојат”, вели Вајгл.

Тој смета дека ЕУ мора да притиска за почитување на демократските правила во Македонија и формирање нова влада која почива на солидно мнозинство:

“Сите пречки што и стојат на пат на стабилноста треба да бидат остранети. Во спротивно, може да има лоши последици за Македонија и нејзината европска иднина а за сите негативни настани во земјата ќе бидат одговорни некои македонски политички лидери”, изјави Вајгл на два дена по посетата на Македонија.

Вајгл даде интервју за НОВА што ќе го емитуваме вечерва.