Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеВелосипедистите бараат слободно да се движат по кејот

Велосипедистите бараат слободно да се движат по кејот

Под мотото „Точаците слободно да течат по кеј!“, велосипедистите од „Критична маса“ денеска по 40-ти пат ќе организираат возење на точаци низ улиците на Скопје.

„Вардар е главната артерија на вело-токот, не запушувајте ја“ – стои во апелот. Во моментов, кејот е прекинат барем на две места поради извршување на градежни работи. Според член 84 од нашиот Закон за градење, инвеститорите не се должни да обезбедат алтернативна патека за пешаци/велосипедисти при окупирање на јавен простор, доволно е само да добијат дозвола од градот.
kriticna masa 40Сметаме дека ова мора да се смени, зашто јавниот простор им припаѓа на сите и окупирањето на одредени јавни површини значително влијае на безбедноста, удобноста и мотивираноста на луѓето за користење на одредено превозно средство. Давањето на дозвола не смее да биде само формалност, туку мора да се темели на правото на граѓаните на користењето на јавниот простор. Мора да се предвиди каде привремено ќе се пренасочи велосипедскиот/пешачкиот сообраќај додека траат градежните работи и тоа да се изведе по стандарди, безбедно и удобно. Како предвидел Градот дека ќе се движат велосипедистите на овие 2 потези (новиот прекин кај Александар Палас и неколкугодишниот прекин во Центар поради Скопје 2014) сметајќи дека велосипедската патека на кејот во континуитет поврзува најголем дел од градот од Карпош 4 до Лисиче.

Во некоја идна сеопфатна стратегија за развој на велосипедскиот сообраќај во Скопје, Вардар ќе ја има централната улога. Тука ќе се слеваат пешачки и велосипедски патеки од север и југ, ќе се поврзе градот преку велосипедски патеки на сите постојни автомобилски мостови и преку посебни пешачко-велосипедски мостови. Секој ќе може да се спушти од мајор кон минор-коритото со глатки рампи без никаков прекин. Со возење ќе може и да се искачи назад до саканата дестинација. Вакви рампи ќе има на сите дестинации од интерес на велосипедистите. Нема да постои мост покрај кој ќе нема рампи за спуштање и качување…

Јавниот простор ќе се активира, ќе има уште повеќе случувања по текот на реката. Таа живост и можноста да се превезуваат покрај река и зеленило ќе привлекува нови и нови велосипедисти. Од Бардовци до Водно, од Радишани до Тафталиџе, од Аеродром до Автокоманда, од Карпош до Сарај, секаде ќе има поврзувања и градот ќе биде поврзан во една мрежа со реките како зелени оски. Спуштањата и подигнувањата во коритата на реките никој нема да ги чувствува како пречка зашто ќе бидат направени со рампи со соодветен наклон“, пишува на официјалниот Фејсбук настан.