HomeДЕНЕШНАПолитикаВелија Рамковски се плаши од нов политички мотивиран судски предмет

Велија Рамковски се плаши од нов политички мотивиран судски предмет

Бизнисменот Велија Рамковски се сомнева дека против него се подготвува нов судски предмет кој ќе биде политички монтиран со цел што подолго да лежи во затвор. Тој со писмо објавено во Слободен печат и се обрати на јавноста.

„На 22.9.2016 година, во вторникот, двајца полицајци, со лисици на рацете, ме спроведоа во судската сала во Судот, за после петнаесет минути судијката да им нареди да ме изнесат од судница и да ме вратат во затворот „Идризово“.

Пролетта 2011 година, во затворот во Шутка, бев сослушан од обвинител, во врска со обвинение против мене од некој си загрепчанец, за измама. Тој во тужбата навел дека моја фирма во Загреб не ѝ платила на неговата фирма за извршени шпедитерски услуги. Тој, исто така, кажал дека не се познаваме, ама во 2008 година од Загреб ми телефонирал во Скопје и јас сум успеал да го наговорам да влезе во ризик и да загуби. Како доказ, нема ниту снимка од разговорот ниту, пак, транскрипт од него.

На обвинителот му објаснив дека немам фирма во Загреб, дека тужителот не го познавам и дека не се сеќавам на телефонски разговор со него. Во Хрватска последен пат сум бил во 2006 година, а тоа може да се провери во пасошот. Таа година со семејството бев на море.

Мојот адвокат тогаш ми објасни дека со вакво обвинение власта сака да се обезбеди да ме држи затворен, доколку не успее во законски рок да поднесе обвинителен акт за „Пајажина“.

При упадот на полицијата во А1 телевизија, во ноември 2010 година, беа одземени сите компјутери и целокупната книговодствена документација, спротивно на законот, без присуство на одговорните лица во фирмата и без нивни потписи. Откако видоа дека во оригиналната книговодствена документација нема криминал, мораа да интервенираат во незапечатените компјутери и да креираат копии. Низ целиот судски процес власта приложуваше копии како доказ за сторен криминал. Власта си креираше копии во зависност од нејзините потреби, а нејзината потреба беше затворање на А1 телевизија и затворање на дневните весници „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“. Претпоставувам дека оригиналната книговодствена документација, видена на телевизија во фамозните црни вреќи, власта ја има уништено.

За да формираат приказна, мене и моите најблиски соработници нè обвинија дека сме злосторничка банда, која сме ја формирале во 2006 година. Со повеќето од нив работевме од 1990 година. Подигнаа обвиненија за 24 лица, а нè притворија 14. На повеќемина од затворените власта им ветуваше слобода, ама цената за тоа беше да сведочат против мене, да го кажат тоа што власта ќе им го каже да го кажат. Ниту еден не сакаше да ја плати таа цена. Го избраа затворот, а не слободата.

Горд сум на моите соработници. Меѓу обвинетите беше повеќе од половина од моето семејство. Ќерка ми и синот ги осудија за двапати платена фактура од петнаесетина илјади долари, од фирма во Загреб на фирма во Турција. Не се потрудија да проверат за можната грешка една фактура да биде платена двапати, а друга, со ист износ, да не биде платена. Ќерка ми одлежа шест години во затвор, а син ми е во бегство. Сите што беа затворени, ги одлежаа казните.

Од пролетта 2011 година, па сè до 22.9.2016 година, многупати бев спроведуван на судење и враќан во Шутка, а подоцна во „Идризово“. Се променија тројца судии. На последната судијка ѝ појаснував дека во бизнисот не може некој да биде измамен на начин како што тврди тужителот од Загреб. Меѓу неговата фирма и другата фирма, на која ѝ вршел услуга, сигурно постоела подолга соработка и тој можел да ги заштити своите интереси. На пример, ако не му била платена претходната фактура, да престане со соработката. Не верувам дека постои бизнисмен што ќе влезе во ризик врз основа на телефонски разговор со непознат човек.

На наведениот датум (22.9.2016), не дојде мојот адвокат. Дојде неговата помошничка. Ја замолив судијката да го одложи судењето, бидејќи сакав да ме брани адвокатот што подобро го знае случајот. Судијката ја одби мојата молба. Мене „ми пукна филмот“ и судењето го нареков циркусијада. Судијката ми рече дека ќе бидам казнет и ме избрка од судницата.

За четири месеци ќе наполнам 70 години. Казната од 13 години ми е зголемена за уште шест месеци. Немав пари да ги платам судските трошоци и си добив уште 180 дена затвор. Верувам дека власта сака да ме држи во затвор додека умрам.

Претпоставувам, читателите ги интересира како живеам.

Во затворот не живеам. Мојот живот беше прекинат кога ме затворија. Ниту еден затвореник лежењето во затвор не го смета за живот. И најтешкиот наркоман, на кого домот му е контејнер, одвај чека да излезе на слобода. Меѓу затворениците, постои вистината дека само гробот е полошо место од затворот.“

Велија Рамковски беше осуден на 13 години затвор во предметот „Пајажина“ за финансиски измами и затајување на данок, а осудени беа повеќе вработени од неговите фирми, како и членови на семејството.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com