Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВанхојте му пиша на Груевски: Вие го поттикнавте насилството

Ванхојте му пиша на Груевски: Вие го поттикнавте насилството

Г-дин Никола Груевски,

Настаните во Скопје вчера, за што вие и вашата партија ја сносите главната одговорност, затоа што вие сте тие кои го поттикнавте насилството, ќе биде запаметен како уште еден црн ден во македонската историја. Да бидам јасен: спротивставување на демократски процедури со употреба на насилство во парламент е неприфатливо, пишува Питер Ванхојте во обраќањето до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Свесен сум дека ВМРО сѐ уште е најголема партија во парламентот, но тоа не значи ништо ако не сте во можност да формирате мнозинство. И тоа е токму она што вие, г-дин Никола Груевски, и вашата партија, треба да го прифатите: победа на избори не значи и освоена власт. Денес: вие сте главната опозициска партија во парламентот бидејќи го изгубивте мнозинството во парламентот и ја загубивте власта. И никакво насилство не може тоа да го промени.

Се разбира, лесно е да се обвинуваат другите за вчерашните настани. Веројатно е дека на нив гледате како причина за големи апсења на членови на опозицијата. Барем јас не би бил изненаден ако тоа биде вашиот следен чекор. Вашата прес-конференција минатата ноќ беше срамна, недостојна за лидер на демократска партија. Наместо бранење на вистинските демократски вредности, видовме како се руши демократијата од рацете на вашите партиски членови и група гангстери.

Изборот на нов претседател на Собранието со цел да се врати демократијата во Македонија е совршено легален. Ниту еден суд – дури и оние што ги контролирате – не може и ниту треба да го оспори тоа. Според меѓународното право, овој избор беше легитимен, бидејќи главната цел беше да се врати демократијата.

Господине Груевски, исто така сакам да ви обрнам внимание на вашите нови обвинувања, уште една серија на „алтернативни факти“, но не и вистинити. Вистината е дека вие и вашите членови на партијата сѐ уште одбиватет да прифатите каква било одговорност за многу работи што беа направени погрешно во последниве години. Дозволете ми да потсетам на некои за да се освежи вашиот ум:

• Протерување на опозицијата и новинарите од Собранието при крајот на 2012 година, по повод гласањето за буџетот;

• Одбивањето на членовите на вашата партија да прифатат било каква одговорност за овие настани во текот на истрагата за настаните;

• Комплетно негирање на каква било инволвираност од ваша страна во скандалот со прислушувањето;

• Одбивањето на вас и другите членови на партијата ВМРО да одговорите искрено на било кое од прашањата од парламентарната комисијата што истражуваше;

• Одбивањето на вас и вашите членови на партијата дека сте одговорни за „креативното“ финансиско сметководство на вашата партија;

• Одбивањето од вас и вашата партија да ја почитувате слободата на медиумите;

• Одбивањето од вас и вашата партија да ги прифатите и да ги почитувате резултатите од последните избори;

• Одбивањето од вас и вашата партија да организирате локални избори на време.

Вчерашните настани ме оставија со повеќе прашања отколку одговори: каде беше полицијата, која треба да го штити парламентот и членовите на парламентот цело време? Како е можно мафијаши да го нападнат парламентот, ако полицијата не им дозволи да го сторат тоа?

Г-дин Никола Груевски, спротивно на вашето лично убедување, одговорноста е основна вредност во едно демократско општество. Ќе мора да ја прифатите одговорноста за она што го правите и тоа што го зборувате. На крајот, граѓаните имаат право да ја знаат вистината. Се надевам дека чесните луѓе во парламентот и внатре во полицијата ќе имаат храброст да прозборат и да ги информираат граѓаните за тоа што навистина се случи вчера.

А што се однесува до вас, г-дин Никола Груевски, да, време е да го прифатите поразот и да ја напуштите политичката сцена, во очекување на темелна истрага за своите постапки и тие на вашите сојузници. Не постои начин за враќање на старото. Граѓаните во Македонија, без оглед на заедницата на која ѝ припаѓаат, имаат право да се разбудат во демократија повторно, ослободени од притисок и страв, пишува во отвореното писмо на Питер Ванхојте.