Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВанхауте предлага СЈО да се интегрира во регуларното Јавно обвинителство

Ванхауте предлага СЈО да се интегрира во регуларното Јавно обвинителство

Белгискиот експерт Питер Ванхауте во кратко интервју за Макфакс вели дека овде некои од политичарите во последните години се однесуваат како вистински деца, предизвикуваат многу штета и се однесуваат на многу неодговорен начин.

„Се надевам и сигурен сум дека оваа влада ќе се обиде да испорача резултати и ќе се однесува на одговорен и на отчетен начин кон граѓаните. Имате министер за транспарентност и тоа е голем чекор во моментов“, вели Ванхауте.

Тој во Македонија е дојден на повик на Здружението на новинарите, за да помогне со медиумските реформи, за кои засега оттаму нема подетална најава што подразбираат.

Ванхауте во интервјуто потенцира дека би било добро СЈО да се интегрира во регуларното Јавно обвинителство за да се осигура продолжување на прогонот околу нелегалното прислушкување.

„Ве очекува многу работа. Би и сугерирал на владата да работи полека, да не брза, да оди чекор по чекор, да ги дефинира приоритетите и потоа да направи трасформација. Да направи се што треба да направи. Мое чувство е дека голем предизвик во моментов е буџетот. Имате многу мал буџет и треба да бидете многу внимателни како го трошите, да го трошите на поефикасен начин и да се справите со долговите од минатото. Исто така треба да ги дефинирате новите приоритети. Многу важен е економскиот развој, реформите во медиумите, реформите во здравството, во образованието – има толку мбногу работи со кои треба да се зафатите. Мој совет е – дајте им некое време на властите да се справат со овие проблеми, една до две години, а потоа можете да бидете покритични кон нив. Ве молам почекајте малку ако не остваруваат веднаш , не очекувајте дека оваа влада може да смени се за два дена од сега“, изјави Ванхауте .