Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВангелов повторно направи смена на судии во Врховниот суд

Вангелов повторно направи смена на судии во Врховниот суд

Нови претумбации во Врховниот суд. Судии од кривичен се префрлаат во граѓански оддел и обратно. Алсат-М од свои извори во судот дознава дека судијата Фаик Арслани од кривична е префрлен во граѓанска материја додека Шпенд Деваја е прераспределен во кривичниот оддел. Нова позиција има и екс-претседателката на Врховен, Лидија Неделкова. Од одделот за судска пракса префрлена е да работи на граѓански предмети.

Шефот на највисокиот суд, Јово Вангеловски, кој е и кум на екс-спикерот на Собранието, Трајко Вељаноски, новиот распоред го состави кога правосусдството е остро критикувано во вториот извештај на германскиот правен експерт Рајнхард Прибе.

Во документот кој излезе пред неколку дена тој и експертската група бараат да се утврди кривична одговорност кај сите судии кои постапувале несовесно. Нотираат дека често се врши притисок врз судиите внатре во судот, за да исполнат политички желби, а неподобните судии кои не се од доверба се преместуваат да судат од кривичен во граѓански оддел.

Иако Прибе остро го критикуваше честото преместување на судии, од Врховен промените во распоредот ги правдаат со подобрување на ефикасноста и оти биле во рамките на надлежностите на претседателот на судот.

„Поради намалениот број на судии, а со цел подобрување на ефикасноста на судот, одлуката е донесена во согласност со изразената желба на судиите и согласно препораките на високите експерти за системски прашања за владеење на правото.“ – велат од Врховен суд
Во последниве неколку месеци во Врховниот суд се случија неколку промени во распоредот на судење. Најчесто шефот на највисокиот суд, рокадите во советите ги правеше кога одлучуваа за сензитивни случаи на СЈО.

Откако Вангеловски повторно седна во претседателската фотелја во април годинава, во првиот месец три пати интервенираше во годишниот распоред на судиите. Следните неколку месеци раководењето на Вангеловски со највисокиот суд го одбележаа неколку спорни одлуки. Една од нив е одлуката бизнисменот Сеад Кочан да го ослободи од притвор иако повеќе од два месеца беше во бегство.

Последниот случај е со бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски обвинети за нелегалното прислушување. На крајот од јули врховните судии го потврдија притворот за двјацата разузнавачи, но решението до Апелацискиот суд го пуштија дури по четири часа откако ја донесоа одлуката, период кој најверојатно бил доволен двоецот од УБК да избега и до денеска да им се изгуби секаква трага.