Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВајгл: Иванов повика луѓе на улица – тоа е многу неодговорен потег

Вајгл: Иванов повика луѓе на улица – тоа е многу неодговорен потег

Претседателот Ѓорге Иванов ако сакаше да разговара со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници за време на нивната недоамнешна посета на Македонија може да разговара, имаше време за тоа, но очигледно тој не сакаше да разговара, вели Иво Вајгл, известувач за Македонија во Европскиот парламент во интервју за „Нова ТВ“.

По престојот во Скопје, Вајгл објаснува дека Иванов им рекол оти доцна стигнал во Скопје, но тие биле доволно долго во земјава и биле подготвени за разговор.

„Ја прочитав неговата порака дека кажал што има да каже, па сега нека зборува народот. Таа порака не може да се разбере поинаку освен како повикување на луѓето на улица, и мислам дека тоа е еден многу неодговорен повик“, вели Вајгл и додава дека на средбата со Никола Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ кажал оти протестите се демократско право, но опасно е кога има сомневање дека се организирани со цел да се подгрева атмосферата.

Тогаш, според Вајгл, протестите не се израз на демократија туку намера за поларизација и немири.

На истата средба на европратениците и на Хан им било кажано дека за време на договарањето на Договорот од Пржино меѓународните фактори имале скриена агенда да ја сменат власта во Македонија и премиерот и да направат од Македонија нешто друго.

„Тоа се бесмислени обвинувања“, тврди Вајгл.

Тој, како што рече, му кажал на Груевски дека добил мандат но не успеал да обезбеди мнозинство, што не е нешето невообичаено и се случува во многу земји, на што добил одговор дека од надвор имало притисоци врз ДУИ да не прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Вајгл е убеден дека такви притисоци немало, туку се барало да се исчисти македонската политика од неправилности, за што е и формирано СЈО.

„Тука претседателот на државата игра една погрешна игра и мора да сфати дека кога ќе направиш грешка мора да ја исправиш“, додава тој.

Советот на Вајгл е дека треба да се смири топката, да не се додава гориво на оганот и да се стави интересот на државата на прво место, за што треба дијалог. Тоа, според него, е обврска на одговорен политичар, но ако бега, не е одговорен и ќе ги сноси последиците и дома, но и во меѓународната заедница ако се влоши состојбата.

Европратеникот не сака да зборува заевентуалните последици, но потсетува дека има можности деструктивното дејствување да се санкционира, без оглед дали станува збор за партија или за поединци.

Вајгл најави дека ќе побара повторно одлагање на гласањето за резолуцијата за Македонија во ЕП, што треба да се сфати како опомена и како санкционирање на некаква состојба но ЕУ има и други инструменти, почнувајќи од финансиски.

„Ако кризата продолжи и ако доведе до сериозни последици за регионот и за Македонија, тогаш ќе треба да се разговара и за други чекори“, вели тој и додава дека се уште верува оти Груевски, како искусен политичар, во некој момент е свесен на одговорноста и дека уште има спремна опција за мирен договор и решение, но тој чекор треба да се направи, а Вајгл го очекува тоа пред се од Груевски, по што Македонија што побрзо би добила стабилна влада.