HomeДЕНЕШНАЕкономијаУтре ново задолжување. Наумов реагира: Миноски ја користи последната аукција на товар на граѓаните да запише нов нето долг

Утре ново задолжување. Наумов реагира: Миноски ја користи последната аукција на товар на граѓаните да запише нов нето долг

На утрешната акуција на државни хартии од вредност Владата ќе побара од домашните кредитори 31 милион евра. Министерството за финансии ќе се обиде да обезбеди 23 милиони евра преку аукција на државни записи, додека на аукцијата на државни обврзници ќе бидат понудени записи од 8 милиони евра. Од Министерството велат дека денеска во стопанството се вратени 29 милиони евра по основ на доспеани за исплата државни хартии од вредност, додека во среда по истиот основ Владата ќе се раздолжи со 1,8 милиони евра.

„Аукцијата на државни хартии од вредност закажана за утре е во износ од 1,915 милијарди денари, или идентична сума колку што се враќа неделава – што значи дека нето-задолжувањето по оваа аукција е еднакво на нула“, велат од Министерство за финансии.

Во пресрет на утрешното задолжување реагираше дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов кој порача дека ќе има одговорност за сите злоупотреби врз граѓаните.

„Министерот за финасии Кирил Миноски ја користи последната аукција на државни хартии од вредност објавена пред распуштањето на Собранието на Република Македонија на товар на граѓаните да запише нов нето долг. Оваа власт зад себе ќе остави повеќе од пет милијарди евра долг на идните генерации,“ се наведува во писмената изјава на Наумов.

Експертите постојано предупредуваат на растечкото темпо на јавниот долг. За потсетување годинава државата се задолжи со нова еврообврзница од 450 милиони евра. Во последниот економски извештај Светска банка нотира дека петта година по ред на хартија владата проектира помал дефицит, а во пракаса постојно се проширува буџетскиот минус.

Според Министерството за финансии заклучно со јуни јавниот долг на државата изнесува 45 отсто од бруто домашниот производ. Според нивото на јавен долг, Македонија е во групата на умерено задолжени економии додека според бруто надворешна задолженост, Македонија се вбројува во високо задолжени економии.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com