Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУтре ново продолжение на сагата за разрешувањето на Зврлевски

Утре ново продолжение на сагата за разрешувањето на Зврлевски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери и покрај најавата дека собраниската расправа во рамки на шестата седница за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски ќе продолжи и по 18 часот, сепак ја прекина седницата и го закажа продолжението за утре во 11 часот.

И денешната седница мина во меѓусебни реплики и контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа да не се расправа за Марко Зврлевски, туку за стратегијата за бегалците, договорот со Бугарија, задолжувањето, депонијата во Струга, партизација на администрацијата.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Илија Димовски ја обвини СДСМ дека пред изборите ветувале воведување ред и поредок, еднаквост транспарентност, а откако се на власт ги заборавиле ветувањата и се насочиле кон партизација на администрацијата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во текот на меѓусебните излагање рекоа дека СДСМ ја продава државата и националните интереси, а дебатата за разрешувањето на Зврлевски е само начин да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми.

Владејачката партија СДСМ денеска не учествуваше во расправата, единствено координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев се појави на говорницата и рече дека тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ на седницата за разрешување Марко Зврлевски „наликува на април“, алудирајќи на случувањата и насилствата на 27 април при изборот на претседателот на Собранието.

Тој истакна дека мнозинството нема да учествува во „бесмислената расправа“.

– Сите се откажавме од нашите дискусии за час поскоро да заврши оваа бурлеска околу сосема законско разрешување на државниот јавен обвинител. Ова што се случува сега, овој говор на омраза, ова многу наликува на април и се надевам дека колегите од опозицијата ќе прекинат и час поскоро да почнеме со постапката за именување на нов државен јавен обвинител – рече Тунтев.