Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУтре ќе бидат први пратенички прашања за новата Влада

Утре ќе бидат први пратенички прашања за новата Влада

Владата и министрите утре на пленарна седница во Собранието ќе одговараат на прашања поставени од пратеници.

Ваква седница е прва за новиот владин состав и на неа единствена точка на дневен ред се пратенички прашања.

Според деловникот, седница за пратенички прашања се одржува секој последен четврток од месецот, но сега таа е преместена за петок поради денешната заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија во Струмица.

Редоследот на поставување пратенички прашања го утврдува претседателот на Собранието во договор со координаторите на пратеничките групи, на начин кој ќе обезбеди сооднос два спрема еден во корист на пратениците од пратеничките групи во опозиција и на пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група.

Последната седница за поставување пратенички прашања се одржа на 29 септември 2016 година, а на прашања одговараа тогашниот технички премиер Емил Димитриев и министрите од владата на ВМРО-ДПМНЕ.