Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУставните судии ќе одговараат кривично ако го продолжат мандатот на локалните власти

Уставните судии ќе одговараат кривично ако го продолжат мандатот на локалните власти

Уставните cудии кои ќе гласаат за продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците избрани пред четири години и ќе им го продолжат владеењето, нема да може да се скријат од кривична одговорност – пишува СДК.мк повикувајќи се на извори од Уставниот суд и Обвинителството.

„Постапката на гласањето во Уставниот суд е тајна. Но, за секоја седница и за гласањето по иницијативите, се води записник. Во тој записник се заведува по име и презиме кој уставен судија како гласал. За потребите на евентуална кривична постапка, која би се покренала ако Уставниот суд излезе надвор од своите ингеренции и на градоначалниците им обезбеди вечно владеење, тој таен записник може да се отвори и обвинителот да види кој судија гласал ЗА“ – велат изворите на порталот.

Со последните измени на дневниот ред на седницата закажана за во среда, Уставниот суд ги уфрли иницијативите на Министерството за правда и на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, за бришење на членовите од Законот за локална самоуправа и од Изборниот законик, кои го ограничуваат мандатот на градоначалниците и советниците на 4 години.

Не се знае дали на утрешната седница овие иницијативи ќе бидат прифатени и ќе влезат во процедура во Уставниот суд, или ќе бидат отфрлени. Според дел од кривичарите, важно е уставните судии нема да можат да сокријат како гласале по точките на дневен ред.

Академик Владо Камбовски пред две недели ги предупреди уставните судии дека Уставниот суд нема надлежност и не смее да одлучува за продолжување на мандатот на градоначалниците, туку тоа може да го направи само Собранието.

„Оние уставни судии кои ќе гласаат за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа кои пропишуваат дека мандатот на градоначалниците трае четири години, прават кривично дело ‘злоупотреба на службената положба и овластувањата’. Во Кривичниот законик на РМ за ова дело е предвидена казна затвор“ – предупреди Камбовски.

Непосредно по поднесувањето на иницијативите, реагираше и професорот по управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Борче Давитковски. Според него иницијативите се скандалозни и невидени во демократско општество.

„Нонсенс е Уставниот суд да одлучува за продолжување на мандатот на локалната самоуправа, а не Собранието. Уставниот суд цени дали некој закон е усогласен со Уставот или не“ – рече тој.