Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУставниот суд, а потоа и Собранието ќе решава кога ќе има локални избори

Уставниот суд, а потоа и Собранието ќе решава кога ќе има локални избори

В среда Уставниот суд по иницијатива на Министерството за локална самоуправа и на Светскиот македонски конгрес треба да реши дали ќе го продолжи мандатот на локалната самоуправа, кој веќе е завршен на 15 мај. Потоа, едно од првите решенија што ќе треба да ги потпише новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, ќе биде решението за распишување локални избори. пишува „МКД“.

Во Законот за локална самоуправа за мандатите на градоначалниците и советите на општините пишува дека траат 4 години, но нема никакво законско решение во случај кога локалните избори нема да се одржат. Министерството за локална самоуправа бара да се преиспита уставноста на овие членови (35 и 49) од Законот за локална самоуправа.

Во Изборниот законик (член 16) пишува дека локалните избори се одржуваат во првата половина од мај. Светскиот македонски конгрес бара поништување на овој член за рокот за одржување на локалните избори.

Од уставните судии се очекува да донесат решение да нема прекин на локалната власт сѐ до локалните избори. По седницата на Уставниот суд на потег ќе биде Собранието за утврдување датум и распишување локални избори. Од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето не смеат да поминат помалку од 45 или повеќе од 60 дена.

Веројатен термин за локалните избори би бил некаде во септември.

ВМРО-ДПМНЕ и натаму е за истовремено одржување локални и уште едни предвремени парламентарни избори. Од СДСМ засега не се изјаснуваат во однос на можниот нов термин за одржување на локалните избори.