Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаУспешниот рударски концерн Минеко со можни инвестиции и во Македонија

Успешниот рударски концерн Минеко со можни инвестиции и во Македонија

Британската компанија Минеко Лимитед, член на Минеко Групата, која претставува еден од најголемите инвеститори во регионот во областа на рударството и енергетиката, и покрај глобалната криза на пазарот на обоени метали и рударскиот сектор, преку рудниците со кои управува оствари одлични деловни резултати во 2015 година. Воедно најавено е од Минеко и отворање на два нови рудници. Првиот подземен рудник отворен во Босна и Херцеговина после 30 години, рудникот за олово кај Олово, и кон половината на годината и Босил Метал, рудникот за олово и цинк во Србија кај Босилеград во 2018 година. Покрај тоа, Минеко најави и можност за активна деловност и во Македонија.

„Минеко е присутен во регионот од 2004 година откако ги следи поволните прилики за инвестирање и во Македонија. Рударството на обоените метали е една од основните активности на Минеко Групата и со гордост гледаме на трите наши рудници за олово, цинк и бакар со кои управуваме заедно со партнерите – Рудник и Велики Мајдан во Србија и Сасе во Република Српска, кои денес се стабилни. Моментално сме ангажирани на повеќе нови проекти и со голем елан работиме на активирање на нови рудници во Босна и Херцеговина и во Србија. Паралелно, со голем интерес го следиме развојот на состојбите во Македонија и го правиме проценка за нови проекти“, изјави Бојан Поповиќ, Директор на Минеко Лтд.

Минеко досега во рударските проекти на територијата на Западен Балкан вложил околу 55 милиони американски долари, а за отворањето на рудниците во Босилеград и Олово ќе бидат потребни дополнителни инвестиции од 20 до 23 милиони американски долари. Минеко истовремено спроведува истражувања за олово и цинк кај Фоча во БиХ.

За значењето како проширувањето на Минеко Групата во Македонија би влијаело на стопанството на оваа држава, најдобро говорат резултатите на рудниците од оваа групација, кои од година во година бележат константен раст на производството и пораст на бројот на вработени, покрај глобалната криза на пазарот на обоени метали која доведе до затворање на некои од најголемите рудници во светот. Минеко моментално во регионот вработува околу 1400 луѓе, додека пак со отворањето на новите рудници во Србија и БиХ ќе обезбеди работа за уште 500 луѓе.

Минатата година за рудниците на Минеко по многу нешта беше рекордна, во Србија во рудникот Велики Мајдан годишниот план за производство на концентрати на олово и цинк беше надминат за околу 25 отсто, во РОЦ Рудник е ископано рекордни 26.543 истражувачки бушења. Истовремено, платите се зголемени за околу 13 отсто, додека рудникот Сасе во Сребреница го зголеми производството за 7,2 отсто во однос на 2014 година и вработи нови 47 работници. Покрај тоа, Минеко настојува да ги применува најновите решенија и знаења од областа на рударството и геологијата, па со таа цел во мај минатата година рудникот Сасе го организираше првиот рударско-геолошки форум во БиХ од распаѓањето на Југославија кој ги вклучи најеминентните експерти од регионот.

„Одличните деловни резултати на овие рудници се последица на повеќегодишното оптимално вложување во сите аспекти на производниот процес, успехот на менаџментот кој константно работи на квалитетот на производството и добрите односи кои ги имаме со локалните заедници. Со поддршка на нашите деловни партнери, големо внимание посветуваме на вработените кои се нашиот најважен ресурс. Се обидуваме да им овозможиме адекватни обуки и постојано работиме на подобрување на условите за работа“, дополни Поповиќ.

Сите рудници кои работат во склоп на Минеко Групата ги исполнуваат сите законски обврски кон државата и кон вработените. Платите се редовни и се исплаќаат на време, а на работниците им се плаќа бенефициран работен стаж. Висината на платените концесиски надоместоци за рудниците на Минеко само во измината година во државните буџети во регионот изнесуваат повеќе од 1.800.000 американски долари. Рудниците редовно учествуваат во проекти кои имаат за цел унапредување на локалната заедница, а значајни суми се издвоени и за помош на поединци, организации и институции во средините каде работат.

Иако неизвесноста и светската криза во рударскиот сектор сè уште трае, Минеко најавува долгорочни планови за работење во регионот.

„Кризата на пазарот на обоени метали не нè заобиколи ни нас. Меѓутоа, ние обезбедивме не само опстанок на нашите рудници, туку и рекордно производство во изминатата година, благодарение на рационализацијата на трошоците и најмногу на нашата политика да го реинвестираме профитот назад во рудниците, како би им овозможиле непречена работа. Очекуваме дека во наредниот период глобалниот пазар ќе се консолидира и дека покрај остварување на одличните резултати во регионот, ќе започнеме еднакво успешно работење и во Македонија“, рече Поповиќ.

Покрај рударството, Минеко вложува и во областа на обновливите извори на енергија и изградба на мали и мини хидроелектрани.