Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаУште еден скандал од МПМ: Станисављева земала плата од 25.000 евра, додека новинарите трпеле за плата

Уште еден скандал од МПМ: Станисављева земала плата од 25.000 евра, додека новинарите трпеле за плата

Последното од низата скандалозни медиумски случувања е згаснувањето на некогаш многутиражните дневни весници „Утрински весник“ и „Вест“. Од менаџментот на компанијата „МПМ“ беше истакнато дека весниците ќе излегуваат само во електронска форма и дека повеќето од вработените ќе бидат отпуштени од работа, а затворањето на двата весника го „оправдуваа“ со финансиски загуби. Актуелно.мк деновиве стаса до документ на којшто е наведен износот на месечни примања на донеодамнешниот прв човек на компанијата, Јана Станисављева.

Во услови кога компанијата се соочувала со финансиски проблеми Станисављева земала месечна плата од неверојатни 25 илјади евра. Друштвото имало обврска најдоцна до 10-ти во месецот да и исплаќа износ во висина од 1.345.000 денари. Дополнително, и биле платени трошоци за бензин, за доаѓање и одење од работа, дневници и слично. Кај правните експерти постои сомневање дека во случајов станува збор за направен штетен договор, односно за направена злоупотреба при склучување на договори со заинтересирани страни.

Соговорниците велат дека одговорно лице во правно лице кое свесно при склучување на договор со заинтересирана страна, ќе ги прекрши законските прописи на начин што ќе предизвика значителна имотна штета на интересите на правното лице, на трети лица или пак ќе предизвика значителна имотна корист ќе биде санкционирано со парична казна, но и со казна затвор од 6 месеци до три години.

Во законот се предвидува и тоа дека за вакво дејство кое што е противзаконско, во случај кога одговорното лице за себе ќе прибави поголема имотна корист или пак ќе го оштети интересот на правното лице позначително, тогаш лицето покрај паричната казна ќе добие и казна затвор од 1 до 5 години. Дополнително законот предвидува дека доколку во ваков случај, едно лице противзаконски стекне позначителна имотна корист, истото лице ќе биде санкционирано со значителна парична казна.