HomeДЕНЕШНАСветУраганот Метју го разурна Хаити со катастрофални последици, бројот на жртви расте

Ураганот Метју го разурна Хаити со катастрофални последици, бројот на жртви расте

Страшниот ураган Метју зад себе остави трагичен пустош во Хаити каде бројот на загинати постојано расте и достигна 877 лица, додека десетици илјади луѓе останаа без покрив над главата. Најновите податоци за бројот на загинати пристигна откако се прибрани информациите од областите кои беа отсечени поради ураганот, а каде загинале најмалку 175 лица.

Во најмалку три места, пријавени се десетици загинати, вклучувајќи го и ридското село Шантал, каде претседателот на месната заедница изјави дека 86 лица смртно настрадале, повеќето откако дрвја им паднале на куќите, додека уште 20 се водат за исчезнати.

„Бројот на жртвите секојдневно се зголемува, дури и од час во час, а уште поголем број луѓе се повредени, додека 61.500 се наоѓаат во засолништа“, соопшти централната Агенција за цивилна заштита на Хаити.

Ураганот Метју зад себе остави хаос, па освен загинатите и повредените, огромен број граѓани останаа без своите домови, а целосно се отсечени патиштата кон неколку окрузи.

Во меѓувреме, ураганот Метју ослабна до бура од втора категорија, јави ДПА, цитирајќи го Националниот центар за урагани на САД.

Брзината на ветровите се намали до 175 км на час. Метју се движи со брзина од 19 километри на час и се уште е над југоисточниот дел на САД.

Во сојузната држава Флорида, ураганот усмрти четири лица, кои се единствените загинати во САД од оваа природна катастрофа. Во Флорида без електрично напојување останаа над еден милион лица, a oд средата откажани се околу 5.000 летови во југоисточниот дел на САД.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com