Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУправниот суд одби 16 тужби против одлуките на ДИК

Управниот суд одби 16 тужби против одлуките на ДИК

Судечкиот совет на Управниот суд ги разгледал и донел одлуки за сите 28 тужби што политичките партии ги поднеле против решенијата на Државната изборна комисија по приговорите за првиот круг од локалните избори, одржани на 15 октомври.

На интернет-страницата на судот се објавени одлуките за 16 тужби кои, како што се наведува, се одбиени како неосновани. Четиринаесет од објавените одлуки се однесуваат на тужби поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, а другите две се поднесени од ТМРО и од Левица.

Судечки совет составен од пет судии, избрани по пат на жрепка, одлучува по поднесените тужби, а нивната одлука е конечна.

Останува да бидат објавени уште 12 одлуки, односно 10 за тужби поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, една за тужба од ТМРО и една од Алијанса за Албанците.

Од Управниот суд соопштуваат дека одлуките за поднесени тужби од партиите ќе се објавуваат постепено, преку АКМИС на веб-страницата на судот.

На 29 октомври во 35 општини во Македонија ќе се одржи втор круг од локалните избори.