Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУНЕСКО: Да се отфрли идејата за изградба на ски-центар на Галичица

УНЕСКО: Да се отфрли идејата за изградба на ски-центар на Галичица

Доколку целосно не се отфрли проектот за изградба на ски-центар на Галичица и одредени спорни делови на планираниот нов пат А3 од Охрид до Свети Наум чија траса е зацртана во заштитените подрачја на Националниот парк, Охрид би можел да биде ставен на листата загрозени светски заштитени подрачја. Тоа се дел од главните препораки содржани во извештајот на Комисијата на УНЕСКО што во март годинава беше во Охрид каде вршеше увид во се она што е планирано за изградба во регионот заштитен од УНЕСКО како светско природно и културно богатство.

Мисијата на УНЕСКО во извештајот изразува загриженост дека одредени инфраструктурни проекти замислени во насока на развој на масовен туризам, а би довеле до зголемен сообраќај, во комбинација со неконтролиран урбанистички развој, се директна и конкретна закана по биодиверзитетот во регионот и природата. Тука уште како загрозувачки фактор се наведува и несоодветниот третман на цврстиот опад и отпадните води во сливот на Охридското Езеро, како и некои проекти чија реализација финансиски е поддржана со средства обезбедени преку фондови на Европската унија.

Меѓу другото во извештајот се посочуваат сет од препораки што државата би морала да ги спроведе во престојниот период, заедно со дел од препораките што требаше да бидат исполнети во периодот до 2016 година, како главни активности во насока на зачувување на статусот на светско природно богатство заштитено од УНЕСКО.

Што се однесува на некои поголеми инфрастурктурни проекти како дел од железничката пруга на „Коридорот 8“ од Кичево до границата со Албанија, Комисијата на УНЕСКО смета дека таа не би претставувала опасност по природата доколку при нејзината изградба се почитуваат препораките на Мисијата.

Невладини огранизации и еколошки граѓански здруженија со став дека предупредувањата од УНЕСКО треба да се сфатат како лекција што на крајот би довела до видлив напредок и во заштитата на нашето најголемо природно богатство, но и во развојот на туризмот и економските придобивки, особено за локалното население.

-Охрид има врвни и уникатни вредности кои може и треба да ги понуди на светскиот пазар, вредности на кои се темелат современите туристички трендови, како научен туризам, набљудување на птици, нуркање, екстремни спортови, итн. Една од овие вредности е исклучително богатиот жив свет по кој е познат во целиот свет, а за што битна улога има Студенчишко блато. Сметаме дека сега е вистинскиот момент Владата да ја финализира процедурата за прогласување на Студенчишко блато за Споменик на природата, но и да предложи истото да се најде на листата на Рамсар-конвенцијата за заштита на водни живеалишта, смета Искра Стојковска од „Фронт 21/42“.

Таа информира дека денеска е испратена иницијатива до новиот министер за животна средина да започне со постапката за номинирање на Охридско Езеро и Студенчишко блато за „Рамсар заштитено подрачје“.

Еколозите очекуваат од новата Влада и Парламентот и формално да ги стопираат деструктивните планови, а веднаш потоа да обезбедат спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион и изготвување и спроведување на Планот за управување со регионот, што е законска обврска.

-Апсурдно е прво да се планираат било какви инфраструктурни проекти, а потоа да се имплементира закон за заштита и изготвува план за управување, смета Стојковска.