Thursday, Mar 28, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРФилмУкрадена главата на режисерот Mурнау од семејната гробница

Украдена главата на режисерот Mурнау од семејната гробница

Главата на германскиот режисер Фридрих Вилхем Мурнау, режисер на антологискиот нем филм „Носферату – Симфонија на ужасот“, ремек-дело на германскиот експресионизам, е украдена од семејната гробница, изјави вчера управникот на гробиштата Штахндорх, кај Берлин.

Целта на сторителите биле само посмртните останки на режисерот. Во гробницата се наоѓаат и посмртните останки и на неговите браќа, а тие се недопрени, јавила германската агенција ДПА. Kако што пренесува германскиот весник „Билт“, управникот на гробиштата Олаф Ихлефелт рекол дека кражбата се случила меѓу 4 и 12 јули.

– Претпоставувам дека вратата на гробницата е отворена со метална жица – рекол тој и додал дека бил многу шокиран кога откриле дека недостига главата на режисерот. Мурнау (1888-1931 година) бил еден од најпознатите претставници на експресионизмот во филмската уметност, кој тогаш применувал нови концепти со употреба на камера и монтажа кои сам ги развил.

Најпознат е по хорор-филмот „Носферату – Симфонија на ужасот“ од 1922 година, кој е обработка на романот „Дракула“ од Брем Стокер. Главните улоги ги играле: Макс Шрек, Густав фон Вангенејм и Грета Шројдер.