Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУКИМ ќе ги забрани дискриминаторските учебници

УКИМ ќе ги забрани дискриминаторските учебници

Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Правилникот за издавачка дејност ќе внесе уредба која ќе предвидува забранета употреба на учебници, кои не се издадени согласно Уставот, законите и меѓународните договори, односно во кои има дискриминаторски содржини, јавува „Канал 77“.

УКИМ се обврза на ова по барање на Народниот правобранител, до кој пристигнале повеќе претставки за учебници од Коалицијата за „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. Сепак, никаде не се наведува дали ќе се преземат некакви мерки против авторите на учебниците, кои се професори на УКИМ и кои и досега подгреваа дискриминација.

Неколку учебници кои се користат на факултетите на УКИМ дискриминираат одредени општествени групи врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет и здравствен статус. Ова го покажале двете анализи на Коалицијата за „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. Учебникот „Социјална патологија“ ги опишува ЛГБТ луѓето како болни и девијантни, иако во 1990 година хомосексуалноста се тргна од меѓународната листа на болести и здравствени проблеми на СЗО. Во овој учебник исто така, спорен е и делот во кој лицата што користат дроги се опишани како криминалци и убијци, без да се наведе дека користењето дроги во Македонија не е кривично дело.

Драгана Дрндаревска од Коалицијата вели дека поднеле претставки и за уште три учебници по психолигија:

„За учебниците Психологија на детството и адолесценцијата – развојна психологија I; Психологија на возрасните и стареењето – развојна психологја II и Психологија на родот: родовиот идентитет и родовите улоги претходно испраќавме претставки до Комисијата за заштита од дискриминација, но комисијата не утврди дискриминација. Сега Народниот правобранител утврди. Тука во два од учебниците има многу небулози поврзани со хомосексуалноста и родовиот идентитет, а има и повеќе родови стереотипи. Голем проблем е што се зборува за хомосексуалноста како штетна и неприродна, авторката Олга Мурџева-Шкариќ во еден дел предлага и начини како да се превенира хомосексуалноста, а тоа е надрилекраство. Тоа не е медицина базирана на докази, не е наука. Користи застарени извори веќе 50 години и се повикува на религиозни извори. Вакви учебници не смееме да дозволиме да има во високото образование, особено од нив да учат идни психолози“.

Коалицијата СЗПМЗ ја поздравува заложбата на Народниот правобранител и одлуката на Ректоратот на УКИМ за промена на Правилникот за организирање на издавачката дејност, кој ќе инсистираме доследно да се спроведува.

Оттаму исто така, укажуваат дека дискриминаторските содржини во учебниците во високото образование треба да бидат отстранети, бидејќи како што истакнуваат, од нив треба да учат професионалци кои ќе бидат сензитивни за наведените теми, а не да имаат стереотипи и предрасуди за одредени заедници.