Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионУапсен сопственикот на „Дневни аваз“, Фахрудин Радоњчиќ

Уапсен сопственикот на „Дневни аваз“, Фахрудин Радоњчиќ

Уапсен лидерот на Сојузот за подобра иднина и сопственик на дневниот весник „Дневни аваз“, Фахрудин Радоњчиќ. Тој е уапсен денеска во Сараево од припадниците на СИПА, а по наредба на Обвинителството, поради кривичното дело попречување во работата на правосудството.
Тамошните медиуми наведуваат дека СИПА извршила претрес во просториите на весникот „Дневни аваз“. Паралелно со лишувањето од слобода, по наредба на Судот на БиХ, изведени се претреси и на неколку други локации.

Радоњчиќ во моментов се наоѓа во просториите на СИПА каде врз него се врши криминалистичка обработка. Медиумите јавија дека Радоњчиќ бил уапсен на подрачјето на Хаџичи. СИПА соопшти дека е ова продолжение на операцијата која почна пред неколку години под кодното име „Кукла 2“.

Радио Сараево потсетува дека во истата акција претходно беше уапсен и Бакир Даутбашиќ, секретар во Министерството за безбедност на БиХ, и Билсена Шахман, двајцата членови на партијата на Фахрудин Радоњчиќ – Сојуз за подобра иднина. Даутбашиќ и Шахман, како што беше соопштено, се уапсени заради попречување на работата на правосудството во предметот против Насер Кељменди. Обвинителот Божо Михајловиќ изјави дека сведокот Азра Сариќ, во предметот што се води против Кељменди за убиството на Рамиз Делалиќ, изјавила дека Даутбашиќ и Шахман врз неа вршеле притисок во својот исказ да не го споменува името на Фахрудин Радоњчиќ.

Радоњчиќ, инаку претседател на Сојузот за подобра иднина, со новинарство почнал да се занимава во 1978 година. Две години подоцна станал уредник на Младинското движење во Титоград, Црна Гора. Со политика почнал да се занимава во 1983 година. Бил секретар на Републичкиот комитет на Сојузот на комунисти на Црна Гора. Бил и дописник на загрепскиот неделник „Данас“. Весникот Дневни аваз го стартуваше на почетокот на деведесетите години од минатиот век. Тој на минатите општи избори во 2010 година за првпат се кандидираше за член на Претседателството на БиХ.