Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТВ Нова бара поддршка од колегите, а нејзини гости постојано „плукаат“ по други медиуми

ТВ Нова бара поддршка од колегите, а нејзини гости постојано „плукаат“ по други медиуми

Почитувани колеги, Телевизија Нова во моментов се соочува со незаконски притисок од страна на СЈО кој не може да се протолкува никако поинаку освен како обид за цензура и обид зазамолкнување на слободните медиуми, стои во пораката на медиумот во сопственост на контроверзниот бизнисмен Сеад Кочан кој е во бегство.

Секако никој не посакува затворање на ТВ Нова и за тоа нашите колеги медиумски работници да ги загубат своите работни места. Сепак, од новинарите на ТВ Нова ретко се слуша осуда кога нивни гости во различните информативни или дебатни изданија директно напаѓаат новинари и медиуми кои се објективни и критички известуваат за владејачката структура и за сите аномалии во општеството, туку напротив се нарекуваат предавници и платеници.

– Целта на поведената истрага и неоснованото барање за притвор против сопственикот на ТВ Нова е обид за финансиска блокада на медиумот преку која би се влијаело на нашата работа и би се обиделе да не замолкнат во нашите напори објективно да ја информираме јавноста за се што се случува. Тоа што го прави СЈО во моментов е сериозно погазување на демократијата и ограничување на слободата на медиумите. Денес на удар на СЈО е ТВ Нова, а утре на ваков удар може да биде кој било медиум. Почитувани колеги, затоа ни е потребна вашата солидарност и вашата поддршка. ТВ Нова може да биде репресирана и прогонувана, но ќе остане слободна, објективна и на страна на граѓаните, се вели во дописот на ТВ Нова.

Деновиве не изостанаа протести пред Апелациониот суд кои сега се за правда за Сеад Кочан, а доколку некој друг би протестирал тоа веднаш би било прогласено за вршење на притисок врз независното судство. Зачудува и леснотијата со која ТВ Нова го прифаќа политичкиот речник и се впушта во директен атак на СЈО поврзувајќи го само со СДСМ иако предмет на истрага се и политичари, а сега и бизнисмени кои со партиски ингеренции добиле можност да заработат државни пари кои се собираат од сите граѓани, а притоа дури постојат сомнежи дека ја фалсификувале и тендерската документација.

Секако, поради презумпцијата на невиност на секого треба да му дадеме можност да се одбрани пред судските органи со сите расположливи средства, но истрагата е целосно легитимна и треба да се остави простор истата да ги претстави своите правни аргументи, наместо веднаш да се крева паника дека медиумот ќе биде уништен.

Не така одамна брутално беше затворена А1 телевизија и сите придружни медиуми на Велија Рамковски кои со подобри бизнис одлуки сигурно би добиле нов инвеститор и медиумските работници не би ги загубиле работните места иако сопственикот беше докажано дека го прекршил законот за што се уште ја одлежува казната.