Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионТурција тврди дека пилотот сам одлучил да го собори рускиот бомбардер

Турција тврди дека пилотот сам одлучил да го собори рускиот бомбардер

Турскиот пилот кој ланскиот ноември го собори рускиот бомбардер „Су-24М“ самиот ја донел одлуката да дејствува, изјави вчера заменикот претседател на турската владејачка партија (AKP), Јасин Актај во интервју за агенцијата Sputnik.

Актај истакнал дека околу ситуацијата со соборувањето на рускиот бомбардер над границата со Сирија имало непознати моменти за Турција.

„Нарушувањето на воздушниот простор од 17 секунди и повторените такви нарушувања, се разбира е неприфатливо. Но да го оставиме тоа настрана. Одлуката да се собори авионот била донесена во воздух. Такви одлуки носи пилотот и тој се раководи од правилата за употреба на сила“, вели турскиот пратеник.

Притоа истакнува дека пилотот не може да соборува авион кој „го нарушил воздушниот простор на краток период и има намера да го напушти“. „Уништувањето на рускиот авион, кој, како што стана јасно, веќе го напуштал (турскиот) воздушен простор, покренува некои прашања“, додава вториот човек на владејачката AKP.

Според него, Турција го бранела дејствувањето на својот пилот „за да не се доведуваат во прашање нашите правила за примена на сила“.

„Во крајна линија Турција и Русија го решија меѓусебниот проблем, фала му на Бога. Но доколку се потврдат овие извештаи (за притворањето на пилотите кои го собориле рускиот Су-24), тоа придонесува за подобрување на односите меѓу Турција и Русија и го ги поттикнува постојните догори меѓу двете земји“, заклучува Актај.

Односите меѓу Русија и Турција беа нагло прекинати и минуваат низ најдлабоката криза во билатералната сфера откако на 24-ти ноември 2015 година турските ловци „F-16“ на сириско-турската граница соборија руски бомбардер „Су-24М“. Москва тврди дека рускиот авион бил соборен над сириска територија каде што се урна и дека бил сочекан во заседа, додека Анкара тврди дека го нарушил турскиот воздушен простор.

Потоа двете страни се обвинуваа за поткопување на меѓусебната доверба, особено во ситуацијата кога двете земји ги поддржуваат различните страни во сирискиот конфликт. Москва притоа ја обвини Турција дека ги поддржува екстремните терористички групи во Сирија и воведе економски санкции.

Уште во текот на неуспешниот обид за воен удар ноќта од 15-ти кон 16-ти јули, медиумите ја пренесоа изјавата на заменикот градоначалник на Анкара дека во пучот учествуваат и пилотот кој го соборил рускиот авион и офицерот кој ја дал наредбата за тоа. Подоцна министерот за правда Бекир Боздаг изјави дека пилотите кои учествувале во овој инцидент се меѓу уапсените во врска со пропаднатиот удар.

Подоцна турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека уапсените пилоти најверојатно се поврзани со организацијата на опозицискиот муслимански проповедник Фетулах Ѓулен, кого турските власти го теретат за воспоставување „паралелни структури“ во државните институции и вмешаност со пропаднатиот пуч. Турвија бара негова екстрадиција од САД каде што живее во егзил од 1999 година.