Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионТурција приведе холандска новинарка поради нејзината лична безбедност

Турција приведе холандска новинарка поради нејзината лична безбедност

Холандска новинарка изјави дека била приведена од турската полиција, додека известувала за судири во град со претежно курдско население во југоисточен регион на Турција, пренесе МИА. Новинарката, Фредерике Гердинк, објави на својот „Твитер“ профил денеска дека била приведена во градот Јуксекова и дека ќе биде изнесена пред суд.

– Во притвор сум во Јуксекова, објави Фредерике Гердинк на „Твитер“, додавајќи дека патувала со група курдски демонстранти, кои исто така се задржани во притвор.

Висок турски претставник изјави дека таа била уапсена поради нејзината лична безбедност, а не поради нејзината новинарска работа.

Тоа е второ апсење на фриленсер новинарката, што се фокусира на курдските прашања во Турција. Таа беше на кратко уапсена во јануари и ослободена од обвиненијата за учество во пропаганда во корист на курдските бунтовници во април годинава.

Портпаролот на холандското министерство за надворешни работи денеска изјави дека амбасадата на Холандија во Анкара ја следи ситуацијата со приведената новинарка.