Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионТурција бомбардира позиции на ИД во Сирија

Турција бомбардира позиции на ИД во Сирија

Турција влегува во војната против ИД. Најмалку триесет џихадисти, членови на Исламска држава беа убиени во воздушните напади на турската армија во Сирија изминатата ноќ, јавија турски медиуми. Цели на нападите на турските ловци Ф-16 биле два штаба и центар за состанување на џихадистичката група. Убиените џихадисти се наоѓале во центарот за состанување – собирен пункт на активисти на ИД, во моментот на бомбардирањето.

Владата ги потврди нападите, но не објави биланс на жртви. Покрај денешните воздушни напади, Турција ја засилува безбедноста на турско-сириската граница за да спречи шверц и евентуални терористички напади од Исламска држава.
„Најверојатно ќе изградиме ѕид на турско -сириската граница. Тој ѕид ќе спречи шверц и секако преминување на членовите на Исламска држава во нашата земја кои сакаат да вршат терористички напади“, изјави Булент Аринџ, вице-премиер на Турција.

Паралелно со нападот во Сирија, турската полиција во Истанбул во рација против „Исламска држава“ уапси околу 300 луѓе во 13 окрузи и Курдска работничка партија, изјави премиерот Ахмет Давутоглу кој нагласи дека борбата против ИД продолжува.

Во рацијата е убиена и една припадничка на радикалната турска марксистичка група. Според турските власти, жената била членка на радикалниот левичарски фронт на револуционерниот народ, група која турските власти ја обвинуваат за низа напади во изминатите години, како и дека соработува со милитантни курдски сепаратисти.