Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионЦрногорската Унија за неутралност ќе го тужи НАТО за бомбардирањето

Црногорската Унија за неутралност ќе го тужи НАТО за бомбардирањето

Унијата за неутралност, група на црногорски анти-НАТО организации, во четвртокот соопшти дека ќе ги тужи сите земји членки на воената алијанса, кои учествувале во бомбардирањето на Југославија во 1999 година. Унијата не даде детали за тужбата, ниту пак прецизира каде ќе ја поднесе – јавува дописникот на БИРН од Подгорица.

Деветнаесет членки на НАТО, освен Грција, учествуваа во бомбардирањето на Југославија, во чиј состав беа Србија и Црна Гора. Операцијата беше спроведена без доделен мандат од Советот за безбедност на ООН, што Унијата за неутралност го наведе како основа за тужбата. Бомбардирањето на Југославија траеше 78 дена.

„Се повеќе и повеќе млади луѓе заболуваат од рак. Ние ќе побараме отштета, а парите ќе ги насочиме кон отворање на онколошки центар“, рече правниот застапник на Унијата, Никола Јовановиќ, на прес-конференција.

Во Црна Гора, за време на бомбардирањето загинаа десет лица, од кои девет беа цивили. Шест цивили, меѓу кои три деца, беа убиени во воздушен напад на мостот во селото Мурино, на 30 април 1999 година. Семејствата на жртвите во 2007 година ја тужеа државата, бидејќи црногорските власти пред бомбардирањето на мостот во Мурино, не ја активирале сирената за опасност, иако сирени се чуле во градот Плав, кој се наоѓа во близина на селото. Судот во Подгорица ги отфрли барањата на семејствата кои бараа отштета, наведувајќи дека барањата се застарени.

Црна Гора се наоѓа во завршната фаза за пристапување во НАТО. Владата очекува дека процесот би можел да заврши веќе во мај. Сепак, НАТО останува спорно прашање во Црна Гора поради бомбардирањето во 1999 година.

Според анкетите, јавната поддршка за членството во НАТО е на ниско ниво. Владата соопшти дека за влез во Алијансата се 46 отсто од Црногорците, додека опозициските партии и невладините организации сметаат дека овој број е многу помал, околу 35 отсто.