Thursday, Apr 25, 2024
HomeИздвојувамеЦрковна јога реторика

Црковна јога реторика

Секуларноста во Македонија на ниво. Световните лица како да го подзаборавиле значењето на поимот секуларност. Застапувањето политички ставови и мешањето во приватниот живот на луѓето изгледа како да е дел од секојдневните обврски на црковните претставници.

Кога (тогашната) актуелна политика го наметна прашањето за името, во медиумите можевме да ги прочитаме насловите: “МПЦ нема да прифати друго име освен Македонија” или “МПЦ: нема благослов за менување на уставното име”. Изгледа МПЦ се стави во улога на политичка партија која е во состојба да преговара за државнички прашања.
abortus
Кога Владата го поднесе предлог законот за абортус, кој според многу граѓански здруженија, значеше ускратување на правата на жената, МПЦ повторно скокна со зацементиран став. Абортусот е убиство со умисла, а црквата не може да премолчи такво злодело – беа тогашните изјави на дел од Владиците. Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар дури и го изнесе својот заклучок дека жената е виновна за големиот број разводи, како и дека заборавила дека е подвластена на мажот. Се уште не е јасно каде Митрополитот најде статистика која ги анализира виновниците во разводите. Во јавноста ќе остане запаметена и изјавата на Владиката Петар за самоубиството на Мерлин Монро за кое тој вели дека е резултат на тоа што не можела да има деца.
ilarionvladika
И додека за сите овие прашања, МПЦ го делеше мислењето со Владата и даваше аргументи типични за средновековието, за прашањето со јогата, Црквата (или барем дел од неа) и Владата се разминаа. На Митрополитот Брегалнички Иларион му пречат хинуистичките трендови кои се шират низ светот, како што е јогата. Тој ги повикал сите што вежбаат јога да прекинат, зашто со тоа се одрекуваат од светата православна вера, а во спротивно, рекол тој, ќе фрли анатема на сите што практикуваат јога. Само пред неколку месеци беше донесен закон за алтернативна и комплементарна медицина со кој јогата беше признаена како метод и постапка за рехабилитација која не е опфатена со досегашните здравствени услуги.

Не само што оваа изјава не е во согласност со ставот на Владата, туку и останатиот дел од Црквата се огради од ваквите ставови. Изгледа дека внатре во Црквата не можат да се усогласат околу тоа до кои ставови ќе се придржуваат. Но една работа е заедничка на сите Владици во МПЦ. Сите се мешаат во работата на државата, а со тоа ја уништуваат секуларноста.

Автор: Кристина Атовска

Содржините објавени во оваа рубрика се лични видувања на авторите и не се ставови на медиумот во целост.