Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЦИВИЛ со реакција за скандалозната одлука на Уставниот суд

ЦИВИЛ со реакција за скандалозната одлука на Уставниот суд

Вчерашната скандалозна одлука на Уставниот суд предизвика бурни реакции од јавноста која очекува злосторниците да бидат казнети. Вчера незадоволни граѓани го изразија својот револт пред Уставниот суд кон кој фрлаа со јајца, за денеска повторно ќе се протестира. Реакција пристигна и од невладината ЦИВИЛ.

„Уставниот суд му пресуди на Уставот. Одлуката да се поведе иницијатива против Законот за помилување, според кој се забранува помилување на осудени лица за изборен криминал, претставува отворено охрабрување на оние структури кои на криминален начин ги манипулираат изборните процеси и доаѓаат на власт по нелегален и нелегитимен пат.

Уставниот суд ќе му дозволи на Претседателот Ѓорѓе Иванов да амнестира осудени за изборна кражба. Поточно, со ова ќе му се дадат ингеренции за помилување на изборните криминалци на човек кој претседателската функција ја „заработил“ на нелегитимни избори. Освен тоа дека е под контрола на партијата на власт, од овој срамен потег на Уставниот суд се извлекува и заклучокот дека осомничените за криминал поврзан со изборните процеси се подготвуваат за заминување в затвор.

ЦИВИЛ – Центар за слобода го повикува Уставниот суд да ја преиспита оваа одлука и да му даде простор на владеењето на правото, демократијата и почитувањето на човековите права и слободи. Уставниот суд треба да биде чувар на гласачкото право, кое е фундаментално право на човекот, а не да го девалвира“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.