Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЦел викенд забава, вино и пита пастрмајлија во Велес

Цел викенд забава, вино и пита пастрмајлија во Велес

Утре почнува традиционалната „Велешка Питијада“, а ќе трае цел викенд. Во соработка со угостителите на пити пастрмајлија и винариите, Велес ќе им понуди на посетителите вкусен специјалитет велешка пита пастрмајлија, вино и многу музика со настап на познати музички имиња и бендови.

Манифестацијата ќе се одржи во новиот дел на Велес на улицата „Благој Ѓорев“ на потегот од пред Гимназијата „Кочо Рацин“ до кружниот тек кај „Авона“. Како што на денешната прес конференција потенцира градоначалникот Славчо Чадиев, природно е кога ќе се спомене Велес да се создаде асоцијација на пастрмајлија и црвено вино.

– Пастрмалија мириса на дом, има моќ да зближи и да создаде пријатна, топла атмосфера, буди спомени на минатото, традицијата и историјата и се поврзува со наследството, потенцира Чадиев.

Инаку пишаниот документ за подготовка на велешката пита пастрмајлија како автохтон производ кој се наоѓа во Цариградските архиви датира од 1869 година. Според истите записи во тоа време во Велес се произведувале по 150 илјади оки домашно вино годишно. Питата пастрмајлија и виното, затоа не одат еден без друг, потенцираат организаторите од Општина Велес.

Во музичкиот дел, утревечер – првата е фолк вечер, а забавата започнува во 18 часот со групата „Маестро”, велешката музичка група „Виртус”, Зуица Лазова, Благоја Грујовски, Анета и група „Молика”, Тамбурашите oд Суботица „Равница” и Миле Кузмановски.

Во сабота во вечерните часови ќе настапи популарниот млад пеач Боби Мојсовски по што следат Влатко Лозаноски, Елена Ристеска и познатата ју-група „Парни Ваљак”. Забавата продолжува во Градскиот парк, каде на помошното игралиште настап ќе имаат познатите ДЏ Никифор, Г’не и Бокац.

Во недела ќе настапат Ален Хасановиќ, Филип Божиновски, Александар Тарабунов, Фолтин, Калиопи и ДНК. Во попладнвните часови ќе настапат велешките рок легенди од 60 и 70 – тите години: групите „Елиси“ ,„Изотопи“, „Триумфи“, „Лебеди“ и „Силуети“.