Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЦаца Николовска: Независно судство не е невозможна мисија

Цаца Николовска: Независно судство не е невозможна мисија

Мисијата за создавање на независно судство во земјата не е невозможна, прашање е само на начин како ќе се изведе. Потребно е обемно преоценување на работата на судиите, и ако сакате и на обвинителите, па и на некои адвокати, вели Маргарита Цаца Николовска, потпретседателка на Врховниот суд на БиХ и поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, во интервју за Радио Слободна Европа.

Во врска со кривичите дела за насилството во Собранието, таа оценува дека Обвинителството во својата понатамошна работа не треба да оди на благото заклучување дека станува збор за учество во толпа. Сите тие што влегоа во Собранието, според неа, учествуваа во толпа, но друга е намерата.

„Сигурно дека намерата не била само да влезат и да покажат дека влегле. Самото упатување и самото водење во прес-центарот и она што се слуша во меѓусебните разговори, укажува дека има одредени елементи на други кривични дела. Во исто време само би посочила дека и организаторите треба да бидат ставени под лупа и тие треба исто така да бидат третирани од страна на обвинителството, затоа што сигурно дека ова не е нешто спонтано“, изјави Цаца Николовска.

На прашањето како може СЈО да продолжи со работа со цел расчистување на скандалот со прислушувањето, таа вели дека она што во дадената ситуација може се направи е да се види какви биле опструкциите и секоја опструкција колку временски период на некој начин довела до оневозможување на Специјалното јавно обвинителство да работи и на тој начин како аргумент да се користи, да се презентира или да се земе предвид при одмерување на рокот од 18 месеци.
„Доколку тоа не се стори, тоа би била огромна дамка на оние коишто ќе гласаат против тоа, во насока да не се сака криминалот да се гони и да се оневозможи тоа. Можна е и онаа опција, најлошата, доколку ќе се утврди дека престанал мандатот на Специјално јавно обвинителство во оваа насока, тогаш тие предмети да се преземат од редовното обвинителство и тоа да продолжи да ја води истрагата таа насока“, вели Цаца Николовска.

Според неа, мисијата за создавање на независно судство во земјата секако дека не е невозможна, прашање е само на начин како тоа ќе се изведе,во контекст на најавата на мандатарот Зоран Заев за распуштање на судството и негов реизбор.

„Ние имаме судии коишто се избрани по тефтерче, ние имаме судии коишто пролетале низ сите судски инстанци, кои покажале на некој начин непрофесионално, неквалитетно правно раздавање, имаме состојби на селективна правда, на две различни одлуки од ист судски совет, сето тоа се работи коишто укажуваат дека во одредена ситуација непристрасноста не била застапена. Што се однесува до изборот и во делот на независноста, исто така имаме проблематичен пристап и со соодветно испитување може да се утврдат елементи и врз основа на тие елементи да дојде до разрешување на тие судии или дисциплински постапки“, додава Цаца Николовска.