Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСветТројца уапсени за тероризам во Брисел – планирале напади на места каде се следи ЕП

Тројца уапсени за тероризам во Брисел – планирале напади на места каде се следи ЕП

Белгиските власти подигнале обвинение против тројца белгиски државјани притворени во низата антитерористички претреси ноќта кон саботата, а обвинети се за обид за терористички напад и учество во терористичка организација, објави канцеларијата на јавниот обвинител во Брисел.

Мажите на 27, 29 и 40-годишна возраст биле меѓу дванаесетте лица приведени во претресите од изминатата ноќ. Деветте други притворени лица се испитани и пуштени на слобода. Претресите изведени во 16 општини, вклучително и Моленбек, кварт кој дојде на лош глас откако беше откриено дека некои од извршителите на парискиот масакр од ланскиот 13-ти ноември, потекнуваат од ова бриселско имигрантско предградие.

Претходно, вчера беше објавено дека во претресите на четириесетина станови и гаражи не се откриени ниту оружја, ниту експлозиви.

Белгиските медиуми пишуваат дека постојат сознанија за подготвени терористички напади во соседна Франција, каде што се одржува европското фудбалски првенство, како и во Белгија, на местата каде масовно се следат натпреварите од шампионатот или има голема фреквенција.

Беше објавено без посебно образложение, исто така, дека е зголемено личното обезбедување на премиерот, како и на клучните министри, меѓу кои за внатрешни и за надворешни работи, на министерот за правда, како и за членовите на нивните семејства.