Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаТри македонски компании добија дозвола за извоз во Русија

Три македонски компании добија дозвола за извоз во Русија

Три македонски компании, добија можност да извезуваат млечни производи на пазарот на Руската Федерација и во Евроазиската Царинска Унија, чија што членка е оваа држава, заедно со Казахстан, Белорусија, Киргстан и Ерменија. Балканска млекара-Скопје, Бучен Којак-Куманово и Здравје Радово со производните единици во Куманово и во Струмица, ќе го освојуваат рускиот пазар.

Официјалната делегација на руската служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор „Россељхознадзор“, која всушност одлучува дали некоја компанија ќе добие дозвола за извоз во Руската Федерација, посети 15 македонски капацитети од млечната и месната индустрија. Останатите 11 производни капацитети кои не добија зелено светло од руската инспекција, имаат рок од 60 дена да ги надминат укажаните недоследности и забелешки, со цел усогласување со руското законодавство и добивање шанса да пласираат млечни производи во Евроазиската Царинска Унија.

Официјалниот извештај со забелешките од „Россељхознадзор“, веќе е проследен до Агенцијата за храна и ветеринарство, која во зададениот рок треба да изврши увид во тоа дали бараните недостатоци се исправени, за да и останатите 11 македонски компании добијат дозвола за извоз во Руската Федерација, појасни извршниот директор на Македонското-руска стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Тој го најави и Саемот на храна во Москва, „Мир Питание 2015“, каде што ќе се претстават македонски производители на овошје и зеленчук. Веќе се најавени средби со претставници од Москва кои се заинтересирани за соработка, односно увоз на македонски овошје и зеленчук, а ќе биде организиран и еден вид едукативен семинар за македонските извозници со службата „Россељхознадзор“, во врска со потребните стандарди за гаранцијата и потеклото на производите, нивната безбедност и квалитет.