Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТри години затвор за Верушевски

Три години затвор за Верушевски

Три години затворска казна доби поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски за пиштолот кој беше пронајден во неговиот дом при претресот во јануари годинава.

– Ценејќи ги фактите и доказите приложени од страна на Основното јавно обвинителство и одбраната во предметот како и детална анализа на завршните зборови на странките, судскиот совет, по советување и гласање, донесе пресуда со која обвинетиот Зоран Верушевски го прогласи за виновен за кривичното дело кое му се става на товар, и согласно олеснителните и отежителните околности како и правилникот за одмерување на казни кој е на сила, му одреди казна затвор во траење од 3 години – соопштија од Судот.

Обвинителствто го товареше поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контразузнување дека не се раздолжил од пиштолот откако прекинал неговиот работен ангажман во Министерството за внатрешни работи. Во текот на судењето одбраната, пак, се бранеше дека единствената санкција што може да биде изречена е дисциплинска мерка или парична казна, но дека тоа во никој случај не е кривично дело.

Откако беше соопштена пресудата, Верушевски во писмената изјава до медиумите истакна дека ова не е правда, туку партиско-системска агресија врз слободата и демократијата, како и врз владеењето на правото и правната држава. Кога пресудата ќе стане правосилна, пиштолот ќе биде одземен и вратен на МВР. Се очекува, одбраната да поднесе жалба за одлуката на скопскиот Кривичен суд.