Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТри години Договор за добрососедство, а добри соседи се уште не станавме!

Три години Договор за добрососедство, а добри соседи се уште не станавме!

Поминаа  точно  три  години, откако, точно на националниот празник Илинден 2 август, премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу двете земји. Ист ваков беше потпишан пред точно две децении помеѓу тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов, но тој не заживеа на практика.

Три години е доволен период да се направи ретроспектива, дали истиот го преживеал тестот на времето и дали, вредеше да се потпише.

116542081_10158905407402932_7100799585626931543_o

Во држави и општества, кои се испреплетени во минатото, додека биле дел од Отоманската империја, а во подоцнежните децении, во кои бугарското кнежество, дипломатија и воени сили, постојано воделе битки ( и на дипломатско, и на воено поле), за припојување на етногеографската територија на Македонија во рамките на бугарската создадена држава, овој Договор е многу тежок да биде навистина тоа, за кое е потпишан, односно Договор за добрососедство и пријателство.

Наместо договорената рамка, да биде патоказ за отворање на општествата, за нивно културолошко и економско зближување, за подигнување на културно-уметничкиот соживот и меѓусебно запознавање, се чини истиот повеќе беше камен на сопнување околу старите историски рани. Официјално препукување за тоа „чиј е Гоце Делчев“, дали бил етнички македонски Бугарин по себеизјаснување, или етнички  Македонец. Спорни беа и Григор Прличев, и браќата Миладонови, и цар Самуил, или пак за нив се најде најмал заеднички содржател?

Како и да е, овој меѓусебен договор со договорената паритетна основа на заедничката комисија која е предвидено да ги решава „отворените“ историски прашања и историски настани, не го даде предвидениот успех. Секој пат кога од Софија, ќе дојдоа заканувачки тонови, дека доколку македонската страна не ги прифати „историските вистини“, ќе добие блокада во нејзиниот европристапен процес, веднаш тоа беше дочекувано на нож во нашата јавност.

Очигледно, ниту бугарската политичка елита, ниту бугарската општествено-историска јавност, не ги надминала историските суети, фрустрации и комплекси од минатото, да го признае ноторниот историски факт, дека денеска постои и е очигледен македонскиот посебен и кодифициран литературен јазик, а следствено на тоа и посебна македонска нација.

Без разлика на „контроверзите“ од минатото, ниту пак во македонската интелектуална и научна јавност, нема создадено плодна почва за отворање на некои историски настани и дејци, кои под превезот на тоталитарната мистика на комунизмот биле или „ретуширани“, или пак замрзнати како еретичко национално-историско прашање.

Уште многу вода ќе потече низ Вардар, и уште многу време „морето на нашите меѓусебни односи“ ќе биде црно, како што се вика морето на кое Бугарија има излез.

Б.А.