Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТри бебиња починаа на Гинекологија поради недостиг на инкубатори

Три бебиња починаа на Гинекологија поради недостиг на инкубатори

Министерот за здравство, Арбен Таравари, утрово се сретна со директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, со цел детално да се разгледа случајот со трите починати новороденчиња, соопштија од Министерството за здравство.

На средбата, од страна на Јовановска, како и од раководителот на интензивна нега, било констатирано дека станува збор за прва бременост на пациентката со вонтелесно оплодување и степен на ризик поради гестациски дијабетес (третиран со инсулин) и преегзистенцијална хипертензија со аплициран серклаж (подврзување на грлото на матката). Според информациите, пациентката претходно трипати била хоспитализирана во Клиничката болница во Тетово поради гинеколошко крвавење.

Како што било кажано на средбата, со оглед на приемната дијагноза на прсната плодова обвивка и излезена папочна врвца, во интерес на новороденичињата, како и здравјето на мајката, бременоста била завршена оперативно со царски рез.

По породувањето, новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операционата сала, при што е спроведена и примарна реанимација и бебињата се ставени во инкубатор и транспортирани на одделението за интензивна неонатална нега и терапија.

Со ова, се вели во соопштението на Министерството, комплетно се демантираат претходно изнесените тврдења од некои медиуми дека смртта на новороденчињата е поврзана со недостиг од соодветна опрема, односно инкубатори на Клиниката за гинекологија (ГАК).

Во согласност со информациите од ГАК, по породувањето на секое од новороденчињата е спроведена ендотрахеална интубација, воспоставена активна венска линија и била дадена терапија по протокол и трансфузија со албумини.

Од Клиниката одговорно тврдат дека со родителите е разговарано во неколку наврати и им била објаснета состојбата на новороденчињата, третманот, како и можните шанси за преживување. Но, и покрај сите напори и дадената терапија, новороденчињата, за жал, починале следниот ден.

Министерот во текот на денот ќе оствари средба со родителите на починатите новороденчиња, како и со целокупниот персонал кој бил задолжен за грижа и нега на новороденчињата. Напомнуваме дека доколку извештајот од комисиите констатира неправилности во третманот на новороденчињата, веднаш ќе бидат преземени соодветни законски мерки. Министерството за здравство најавува дека посебно ќе се насочи кон унапредување на условите за третман, посебно на предвремено родените новороденчиња вложувајќи во најсовремена опрема и стручна надградба на персоналот.