Thursday, Apr 18, 2024
HomeАНТИСТРЕСШтосноТрета (дупла) среќа: За две години трипати родила близнаци

Трета (дупла) среќа: За две години трипати родила близнаци

Американката Данеша Коуч од Канзас, САД, за две години и два месеца трипати родила близнаци, а сите тие се зачнати по природен пат. Таа вели дека била потполно неподготвена за оваа животна приказна. „Луѓето едноставно ме сметаат за чудо на природата кога ќе им раскажам“, вели Коуч во изјава за Fox News.

Неверојатно плодната мајка минатиот месец ги роди Далани и Дарла, слатки девојчиња, кои ги имаат едногодишните сестри Дилајла и Давина, како и двегодишниот брат Данариус. За жал, братот близнак на Данариус, Дезмонд починал набрзо по прераното раѓање, по настанатите компликации.

Мајката на новинарите им признала дека веста за втората бременост ја примила како шок и била хистерична. Тешко е да се замисли како се чувствувала кога дознала дека третпат носи близнаци.

„Бев потполно неподготвена. Мислам, имав подготвено облека и сé друго, но ментално не бев спремна на тоа. Ми требаа повеќе месеци да ги прифатам фактите“, вели Коуч.

Сепак, верувале или не, Данеша не ја исклучува можноста да роди уште бебиња. Tаа и нејзиниот вереник, Преслер, сакаат да почекаат некое време. „Сакам бебиња, но следното може да дојде за 10 до 15 години, кога овие деца ќе бидат доволно големи за да може да ми помагаат“, вели таа.

Се смета за благословена што може да има деца, затоа што познава многу жени кои не можат. Сеапк, троши премногу пелени, и други работи за бебињата, па ја отворила страницата GoFundMe, а сите кои сакаат да и помогнат може да уплатат пари.