Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАСветТрамп нареди бомбардирање на Сирија

Трамп нареди бомбардирање на Сирија

Од американските разорувачи во Источниот Медитеран истрелани се десетина ракети „томахавк“ на позиции на сириската војска, а операцијата ја наредил претседателот Доналд Трамп како одмазда за наводниот напад со хемиско оружје на силите на Башар ал Асад во Идлиб, јавија светските агенции.

Претставник на Белата куќа соопшти дека се истрелани 59 прецизно-наведувачки ракети, кои ја погодиле воздухопловната база Шајрат во Сирија.

Други претставници претходно соопштија дека се истрелани 70 ракети.

Воздухопловната база што беше цел на нападот, според претставникот на Белата куќа, има врска со „програмата за хемиско оружје на сирискиот режим и е директно поврзана со ужасниот хемиски напад од 4 април“.

Трамп наредбата ја издал од Флорида, а со американскиот претседател во тој момент биле државниот секретар, Рекс Тилерсон, како и неговиот советник за безбедност Херберт Рејмонд Макмастер.

Како што јавува „Си-ен-ен“, Трамп за време на нападот бил на вечера со кинескиот претседател Кси Џинпинг, а секретарот за одбрана, Џејмс Матис, постојано го информирал за операцијата во Сирија.

Трамп на новинарите им соопшти дека во интерес на САД е да ги сопрат употребата и ширењето на смртоносното хемиско оружје.

– Вечерва наредив воен напад на позиции во Сирија од кои е извршен нападот со хемиско оружје. Нема спор околу тоа дека Сирија користела забрането оружје, ги прекршила обврските што ги има според Конвенцијата за хемиско вооружување и ги игнорирала апелите на Советот на безбедност на ОН – рече Трамп.

Според последниот биланс, најмалку 86 лица, меѓу кои 30 деца и 20 жени, загинаа во нападот со хемиско оружје во бунтовничката провинција на северозападот на Сирија.

Портпаролот на Пентагон, капетан Џеф Дејвис, соопшти дека американската војска однапред ги известила руските сили за нападот на сириската воздухопловна база и дека во нападот не се погодени делови во кои се верува дека се присутни Руси. Државниот секретар Рекс Тилерсон рече дека „Вашингтон не побара никаква дозвола од Москва“.

Дејвис наведе дека американската војска имала „повеќе“ разговори со руските сили пред нападот и оти ја користеле линијата за комуникација која претходно била воспоставена за да се спречат судирите во Сирија за време на борбата против Исламска држава.

Француски дипломатски извори наведуваат дека американскиот државен секретар Тилерсон на францускиот министер за надворешни работи, Жан Марк Еро, му соопштил дека Вашингтон сакал сојузниците да се „координираат“ за нападот на воздухопловната база.

– Не баравме никаква дозвола од Москва. Сметаме дека нападот беше пропорционален и дека покажува дека Трамп е подготвен да преземе одлучни акции како одговор на гнасните дела – рече Тилерсон.