Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветТрамп го потпиша протоколот за членство на Црна Гора во НАТО

Трамп го потпиша протоколот за членство на Црна Гора во НАТО

Американскиот претседател, Доналд Трамп, го потпиша протоколот за пристапување на Црна Гора во НАТО, со што се заврши процедурата на ратификација во САД, јавува „Гласот на Америка“.

Белата куќа сè уште нема објавено официјално соопштение за потпишувањето на протоколот.

Американскиот Сенат претходно го ратификуваше протоколот со огромно мнозинство гласови од сенаторите од двете партии – 97 се изјаснија „за“, додека двајца сенатори беа против.

Сенаторите по давањето зелено светло за членство на Црна Гора во НАТО, оценија дека таквото зајакнување на Алијансата истовремено е и зајакнување на независноста на Црна Гора.

Тие, исто така, наведоа дека членството на Црна Гора ќе ја зајакне американската национална безбедност и ќе испрати јасна порака до Русија „која се обидува да ги окупира соседите и да го менува меѓународниот поредок“.

Откако Трамп го ставил потписот на ратификацијата на протоколот за проширување на сојузот, останува процедурата за верификација да се заврши во Холандија и во Шпанија.

Црногорските власти очекуваат Црна Гора да стане полноправна членка на НАТО на самитот во мај во Брисел.